Од Македонија до Бугарија со воз до 2022-ра година

До 2022-ра година Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија, најави денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Тој го најави ова на одбележување на првата пруга од Солун до Велес и 141 година од Македонските железници.

„Моја и желба на Владата е во 2022 година да започне движењето на воз меѓу Македонија и Бугарија. Тоа е проект којшто веќе е започнат со реализација. Започната е изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце, а обезбедуваме средства и за останатите две делници“, рече Јанакиески.

Ресорниот министер рече дека до крајот на годинава треба да започнат и градежните активности за изградба на делницата од Битола до Кременица.

„До јуни или јули очекуваме да стигнат понудите, по што ќе следува склучување на договор и кон крајот на годината да започнат градежните активости кои треба да се одвиваат во рок од 24 месеци“, рече Јанакиески, потенцирајќи дека станува збор за инвестиција вредна околу 20 милиони евра.

Во 1873-та година за првпат била пуштена во фунцкија пругата Солун – Велес. Истата година завршила изградбата на првата железничка пруга во Македонија, меѓу Солун и Скопје и на железничката станица во Скопје пристигнал првиот воз.