Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма во вторникот вечерта рече дека кога ги слуша претставниците на власта како зборуваат за она што го постигнале, се прашува дали живеат во иста реалност.
Во реплика кон пратеникот на ДУИ, Артан Груби, Јанушев рече дека според нивните зборови граѓаните можат да добијат впечаток дека во државата тече мед и млеко. Груби претходно говореше дека се наоѓаме во хиперсензитивно општество и оти сегашната власт направила многу. На ова Јанушев одговори дека кога го слуша пратеникот од ДУИ мисли оти не живеат во иста реалност.
„Како го слушам господинот Груби се прашувам дали живееме во иста реалност. Од ова што го слушам може да се заклучи дека мед и млеко ни тече во државата, дека навистина имаме просечна плата од 500 евра, дека се е така добро, рози цветаат насекаде, народот е задоволен, имаме нов Клинички центар, немаме еден, туку имаме 20 мерцедеси кои требаше да ги продадат, па ги возат за пречекување на гости, дека имаме мал милион фабрики отворени, дека сите тие 2 милијарди луѓе кои се иселија се вратени во државата… Таков впечаток добивам по говорот на Груби, меѓутоа за жал реалноста не е таква“, рече Јанушев додавајќи дека сето она што претставниците на власта го говорат можеби е ставено на хартија во некои од плановите на Владата.
Потенцираше дека во документите е запишано само оти институциите меѓусебно ќе соработуваат, но дека отсуствува реализација.
„Оваа влада е сѐ уште на ‘Ќе’. Што успеаја да направат за една година?“, праша Јанушев.
Во однос на фалењето од страна на владините претставници за безусловната препорака за почнување на преговорите со Европската унија, Јанушев кажа дека во минатото кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Македонија имаше десет такви препораки.
Јанушев вели и дека во недостиг на идеи и реализација на каков било проект, СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста.
„Место да се зафатат со реалните проблеми на граѓаните коишто гласаа и ги донесоа на власт токму заради тоа, да им ги решат проблемите, тие цело време се навраќаат на тоа што било и како било. Тие се на власт и треба да преземат одговорност“, рече Јанушев, додавајќи дека во една година владеење на СДСМ освен што економијата тоне, тие само се обидуваат, како што рече, да го „замајат“ македонскиот народ.
„Каде е платата од 500 евра? Каде е реформата во правосудството? Каде е реформата во здравството? Каде е реформата во образованието?“, праша Јанушев додавајќи дека власта излегла со смешен податок за зголемување на просечната плата, за потоа да излезе власта шпекулира со информациите.
Според него, грубо се манипулира со бројките од Државниот завод за статистика, додавајќи дека од месец за месец платите се намалуваат фрапантно.
Јанушев посочи и дека „државата позаробена ниту била, ниту ќе биде“ со сето она што се случува сега
„Да не беше ВМРО-ДПМНЕ немаше да бидат донесени ниту тие два реформски закони и благодарение на нас се донесени, тие се единствените два реформски закони. Вие само донесовте закон со кој ја зголемивте акцизата на горивата и граѓаните денеска плаќаат поскапо гориво поради вас. Да не беше ВМРО-ДПМНЕ во моментов немаше да имате ниту два реформски закона. Благодарение на ВМРО-ДПМНЕ се донесоа. Ете толку е едноставно и треба да бидете искрени и доблесни да го признаете тоа пред македонската јавност“, рече Јанушев обраќајки ѝ се на пратеничката на СДСМ Фросина Ременски.
Според Јанушев, оваа влада сериозно бара алиби за сите неуспеси кои кои ги имаат и смета дека македонската јавност е доволно свесна за тоа.
„Недостига подобрување на реалниот живот на граѓаните, недостасува 600 километри автопат кој што е ветен, недосатсува 30 илјади просечна плата, недостасува 100 илјади денари плата за докторите, недостасуваат реформи во правосудството…“, рече Јанушев.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ говореше и за спорот со името.
„Точно е дека немаме никаква информација за тоа што се случува во однос на спорот со името. Нашите ставови се јасни, нашите партиски ставови се повторени безброј пати во јавноста и тие остануваат непроменети и нема да направиме компромис во однос на истото… Ние се викаме Република Македонија и точка, крај“, заклучи Јанушев.