Јавна расправа за предлог-законот за амнестија

Јавна расправа по предлог-законот за амнестија организира денеска Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Со законот треба да бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци, а за 3.097 лица да биде намалена казната за 30 проценти.

Предлог-законот за амнестија во прво читање доби поддршка од пратениците на собраниска седница што се одржа пред три дена.

Министерството за правда при подготвувањето на законот ги имало во  предвид условите во казнено-поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација и кои се пренатрупани, условите за престој од меѓународните организации се оценети како нехумани, а опасноста од криминална инфекција во казнено-поправните установи е реална.

Затоа се оценило дека е неопходно донесување закон со кој група лица осудени на казна затвор до шест месеци за лесни кривични дела ќе се ослободат од издржување на казната. За другата затворска популација е предвидено намалување на вкупната казна за 30 проценти освен за делата што со овој предлог се изземени од амнестија.