5.8 C
Skopje
петок, ноември 29, 2024

Јавните претпријатија тонат во долгови, а Шилегов во изборна година ќе вработува 700 партиски војници

Вистински скандал е што во изборна година, само преку две градски претпријатија се предлагаат планови за вработувања на над 700 нови, и најверојатно строго партиски вработувања. Повторувам 700 најверојатно партиски вработувања, изјави Светлана Колариќ советник во Советот на Град Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Колариќ нагласи дека усвојувањето на плановите со кој се предвидува армија нови вработувања се прави во пресрет на претседателски но и можни предвремени парламентарни избори. Ова не може да се сфати никако поинаку освен како отворено корумпирање на гласачи во полза на власта, и давање на надеж и изборни комбинаторики за вработување на гласачи.

Ќе се вработуваат советници на директори, раководители, и соработници. Имено, согласно планот на ЈП за „Комунална хигиена“, градот Скопје и Петре Шилегов предлагаат да се вработат 300 нови работници и тоа раководители на сектори, раководители на одделенија, советници, соработници и друг вид на персонал. Додека само 29 луѓе оваа година ќе заминат во пензија, посочи советничката.

„Согласно пак планот на ЈСП се планира во тековната година да се вработат 233 луѓе, од кој освен дефицитарни возачи на автобуси, поголемиот дел се администрација како виши соработници, помошници раководители, раководители на сектори и останат бирократски персонал. Додека се вработуваат 233 луѓе само 30 од нив ќе одат во пензија, а за наредната година се предвидува вработување на уште нови 170 луѓе. Иако плановите се за тековните две години, огромната бројка од околу 700 нерационални вработувања, и периодот во кој овие планови се усвојуваат недвосмислено отвораат сомнеж дека градот Скопје и власта прават изборна манипулација и партиски вработуваат на грбот на граѓаните на Скопје.“

-Градоначалникот Петре Шилегов во 2017-та година изјави цитирам „градските претпријатија се превработени“. А, потоа изјави цитирам „1.200 вработени се вишок“. Јавно го поставувам прашањето како, кога во услови на превработеност, и во услови кога и ЈСП, како и многу други претпријатија бележат загуби и опстојуваат од субвенции на градот Скопје ќе вработат нови 700 луѓе? Што се смени за да Шилегов го промени и својот став? , запраша Колариќ.

„Дополнително пак градската администрација секојдневно се пополнува со тековни вработувања на партиски членови на власта. Се делат раководни позиции, а оние места кои се дефицитарни и понатаму остануваат празни. Има советници, но има и инспектори кои што работат на терен без лиценци, ова навистина е вистинско безредие. Зошто Скопјани притоа мора да ги плаќаат партиските војници на власта кои ќе се вработат, наместо да добијат квалитетни и ефикасни услуги кои што им следуваат? Ние ќе ги информираме сите релевантни фактори за ваквото дрско беззаконие и грубо нарушување на процесите. Ова е почеток на нарушување на предизборниот период кој претстои но и начин за корупција на гласачи, потенцираше советничката од ВМРО-ДПМНЕ.