Неколку пријави за изборни нерегуларности се доставени до основните јавни обвинителства, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија во неделата.
Во соопштението се појаснува дека надлежните основни јавни обвинителства преземаат дејствија за овие пријави во насока на утврдување на фактите за постоење елементи на сторени кривични дела предвидени воГлава 16 од Кривичниот законик: Кривични дела против изборите и гласањето.
Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија информира дека будно ги следи сите случувања за време на изборниот процес и денеска за време на гласањето.
Се наведува, исто така, дека во сите јавни обвинителства во Република Македонија, покрај редовните дежурства, организирани се и дополнителни дежурства од јавни обвинители со цел приоритетно, итно да се постапува по предмети поврзани со изборниот процес.
Комисијата за следење на изборни нерегуларности, како што наведуваат, продолжува да ја координира работата на јавните обвинителства во врска со откривање и гонење на сторители на кривични дела поврзани со изборите, за што во континуитет јавноста ќе биде известувана.