Тетовецот Јетон Реџепи викан Лапи (38) утринава загина во престрелка со полицијата во тетовско Ларце, откако одбил да се предаде на специјалците и ги нападнал со рачна бомба. Реџепи овој пат не успеа да ја избегне заседата на „тигрите“, откако два пати во 2014 година успеваше да се извлече од стапицата на специјалците, секој пат отварајќи оган кон нив.
Тетовецот и вчера за малку ќе успеал да избега, најверојатно поради дојава од поткажувач, кој го предупредил дека доаѓа полицијата, исто како и пред четири години.
Според извори во МВР, Реџепи во изминативе години се криел на Косово, од каде повремено, со помош на пријателите од подземјето нелегално ја преминувал границата и доаѓал во Тетовско. Полицијата овој пат добила сознанија дека криминалецот престојува во своето село, па откако се уверила дека тој е таму, организирала акција за негово апсење. Реџепи, како и секогаш бил добро вооружен и информиран.
Пред полицајците да успеат да ја опколат неговата куќа Реџепи фрлил рачна бомба, па го искористил моментот , со панцирен елек и со „калашников“ во рацете да избега околу 200 метри. Таму наишол на останатите специјалци, па почнал да пука кон нив. Кога се обидел да фрли уште една бомба, полицајците го застрелале. Реџепи освен „калашниковот“ со себе имал и карабин, пиштол, три полни рамки за автоматската пушка, пиштол и четири бомби.
Дека Лапи секогаш добивал информации за акциите на полицијата покажа неуспешниот обид за негово апсење во декември 2014 година во Тетово, кога „тигрите“ доживеаја фијаско. Реџепи успеа да избега, но за среќа во престрелката немаше повредени цивили, иако куршуми летале на сите страни. И тогаш специјалците не успеале да го фатат Реџепи во затворен простор, како што планирале. Тој бил во стан на улицата Благоја Тоска, но откако добил дојава дека полицијата му е на трага Реџепи ги начекал полицајците на улица, а не тие него. По престрелката во која полицајците мораале да бидат внимателни за да не има повредени цивили, Реџепи успеал да им избега низ околните улички. Два месеци претходно, полициска патрола кај Групчин се обидела да го сопре автомобилот во кој се возел Реџепи. Неговиот брат пред блокадата го сопрел „голфот“, а Реџепи излегол од возилото и почнал да пука кон полицајците. Тој успеал да избега во околната шума, па по него трагаа „тигрите“ и хеликоптери, но не го најдоа.
Реџепи се бараше за издржување вкупна казна затвор во траење од 26 години и 10 месеци, за тешки кривични дела кои ги извршил од 2000 до 2016 година. Тој беше осуден на 12 години за убиството на тетовецот Фатмир Лика во 2002 година. Реџепи со уште две лица на 31 декември 2002 година го киднапирале Лика пред градскиот зелен пазар во Тетово, а истата вечер по телефон се јавиле во полициската станица во селото Групчин и пријавиле дека грабнатиот бил убиен, посочувајќи го местото каде го фрлиле трупот. ој бил застрелан со седум куршуми, од кои неколку во главата. Според МВР, Лика и Реџепи биле партнери и шверцувале и продавале дрога, но убиениот прекинал со криминалот и решил да води мирен ќивот. Тоа не му се допаднало на Реџепи, кој одлучил да го убие Лика.
Реџепи успеал да избега од земјава, но во 2004 година бил уапсен во Словенија и екстрадиран во Македонија. За убиството на Лика беше осуден на 12 години атвор, а казната ја издржувал во затворот во Штип. Во декември 2012 година добил отсуство, но повеќе не се вратил зад решетки.