Јоаниду: Решението е да се прифати правото на другиот да се именува себе си како што сака

Јас не знам што навистина се случи, единствено што дознав е дека биле многу вонемирени за моите истражувања за јазикот што не треба да постои во Грција. Ова е проблемот.  Имаме група со мои колеги, адвокати, антрополози, историчари и лингвисти, со кои што вршевме истражувања за малцинствата во Грција воопшто, кои што се значајни и многу интересни, затоа што и се познати и на Академијата и на грчкото јавно мислење.

Четири години подоцна имаме ситуација во која што радикалната левица за прв пат е на власт во Грција, но се чини дека нема голема разлика во однос на малцинствата?

Ова би било сон, да се признаат малцинствата. Не се ни надевав на тоа. Но, навистина се надевав дека нешто ќе се смени во таа насока, навистина. И гласав за СИРИЗА и многу ги поддржував сето ова време, но во овој поглед сум многу разочарана. Мислам дека имаат притисок од партијата со која што се во коалиција, но според мене ова не е левица. Иако можеби изгледа лудо тоа што го кажав, но имав прилика да разговарам со луѓе од Владата, пред да ги изберат и на прашањето што да направиме со македонското прашање, јас одговорив дека треба да се заврши. Тие прашаа на кој начин, а јас одговорив дека треба да го признаат името на државата и да престанат сите овие глупави работи, за да може да истражуваме, да разговараме и да се изразуваме. Ова е тотално неприфатлива состојба, ние се наоѓаме под постојана цензура. Не смееш ни да кажеш Македонија, веднаш има реакција дека си кажала Македонија, а не ПЈРМ, па мора да бараш други начини за да се изразуваш. Тие беа шокирани, но и јас бев шокирана од нивната реакција, затоа што очекував да речат, добро, ќе го земе тоа во предвид, но поради политички причини на пример и бидејќи луѓето уште не се подготвени, малку ќе го одложиме или нешто слично. Но, овој екстремен националистички дух во левицата не можам да го разберам.

И Ципрас во една прилика изјави дека според него во Грција нема Македонци…

Во ред, но тоа не е прашање на мислење. Постои вистина и лага, но вистината не е прашање на мислење. Не е она што го мислиш, туку она што навистина е.

Кое е решението според вас?

Решението е апсолутно прифаќање на правото другиот да се именува себе си онака како што сака. Не гледам друго решение, жалам, но нема. Постои нешто што се нарекува право на тоа.