Европскиот комесар за соседска политика Јоханес Хан денеска изјави дека во следните пет години е невозможно проширувањето на Европската унија поради технички причини, објави МИА.
Тој на специјалната седница на австрискиот Бундесрат по повод петгодишнината од Лисабонскиот договор, потенцира дека пристапните преговори се еден процес, дека мора да се преземе законодавството на ЕУ, да има ефикасна борба против корупцијата и да се постигне „сукцесивно усогласување“ со надворешната и безбедносната политика на Унијата.
Хан потсети дека преговорите со Хрватска траеле осум години, оти Турција, која е кандидат од 1999 година е специјален случај, а преговорите со Србија и со Црна Гора само што почнале.
Во истовреме еврокомесарот призна дека кај населението на ЕУ постои замор од проширувањето и оти е важно да се создадар предуслови новата членка да не биде сметана за товар, туку за зајакнување на Унијата. Поради тоа треба да се поттикне економијата на земјите-кандидати, да се зголеми благосостојбата и да се спречи одливот на квалификувана работна сила.
– Секоја земја, која сака да стане членка, сама го одредува темпото на приближување – посочи Хан.
Тој додаде и дека соседската политика на ЕУ ќе мора да биде „преуредена“ по новата состојба на континентот, а главната цел ќе мора да биде мирољубив соживот со 16 соседни држави.
– Бараме можности за укинување на санкциите против Русија и сакаме мирољубив соживот. Ние сме мировен проект – посочи Хан додавајќи оти со во тие односи мора да се идентификува дали некоја земја може да стане членка на ЕУ, дали постои избалансиран однос или се работи за сосед на Европа.