Петре Шилегов е градоначалник кој не може да се справи со обични комарци, а не пак да сработи некој капитален проект за скопјани, ова денеска на прес конференција го истакна Драги Јовевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Срамно е што во Скопје главна тема наместо да биде отворање на булевар, парк или некое училиште, прскањето на комарци кое е рутинска работа е главна преокупација. Обичното прскање против комарци со Шилегов се претвори во епохална битка која се одвива на грбот и здравјето на граѓаните. Со тоа Шилегов и градските власти го ставаат животот и здравјето на граѓаните во опасност. Наездата на комарци каква Скопје не памети е причинител на голем број алергии, инфекции и убоди кај граѓаните кои често како последица од каснувањата од комарци завршуваат во скопските болници. Комарците се опасен преносител на голем број заразни болести, меѓу кои најопасна е Западно Нилската треска, болест која кај 20% од заболените предизвикува самолимитирачка треска, додека кај 1% од заболените може да предизвика и менингитис, енцефалитис или парализа, а кај дел од случаите може да манифестира и невролошки оштетувања. Тешките форми од истата може да имаат и фатални последици. Единствен начин на превенција е навремената дезинсекција, истакнува Јовевски.
Тој додава дека од почетокот на 2018 година до август во земјите членки на ЕУ се пријавени 51 случај на заболени од Западно Нилска треска, додека во Србија се пријавени дури 70 случаи.
Западно нилската треска дивее во регионот и Европа. Скопје оваа година не само што немаше навремена дезинсекција, туку градските власти вчера со прикажување на старо видео сакаа да ги измамат граѓаните дека вршат дезинсекција. Согласно законската регулатива Центрите за јавно здравје на почетокот на година изготвија и доставија до локалните самоуправи акциони планови за превенирање на вектор преносливите заболувања. Согласно одредбите се обврзани да спроведуваат дератизација и дезинсекција, како превентивни мерки. Градот Скопје ненавремено ја спроведува оваа своја обврска и го става здравјето на граѓаните во опасност. Само во Скопје комарците се дозволува да умираат од старост и да не беше трагично ќе беше смешно. Шилегов, ако незнаеш и неможеш да одговориш на потребите на граѓаните, поднеси си оставка. Спаси го Скопје и граѓаните од твојата неодговорност, неработење и незнаење, рече Јовевски