Најновиот грчки предлог за решавање на должничката криза претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер го оцени како „добра основа за напредок“ во денешните разговори со лидерите од еврозоната, јави Танјуг, пренесе МИА.
„Добра основа за напредок на самитот на еврозоната“, напиша на Твитер шефот на кабинетот на претседателот на ЕК, Мартин Селмајр.
Тој додаде дека предлогот е врачен, бидејќи претставници на Унијата до доцна во ноќта работеле за да се „изнедри спогодба“ во пресрет на денешниот самит на лидерите од еврозоната во Брисел, во надеж дека ќе успеат Грција да ја задржат во монетарната унија.
Селмајр, меѓутоа, не наведе повеќе детали за понудата на грчкиот премиер Алексис Ципрас до меѓународните кредитори по повеќмесечните преговори. Тој потврди дека предлогот на Ципрас го примиле Јункер, гувернерот на Европската централна банка Марио Драги и директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, пренесуваат британските медиуми.
Грција и меѓународните кредитори веќе четири месеци работат на надминувањето на разликите и „ослободувањето средства за Атина“, во страв дека земјата овој месец ќе остане без финансиски средства.