Јуве и натаму максимален, Рома стаса до третата победа во низа

Актуелниот фудбалски шампион на Италија, торински Јувентус и по осмото коло кога гостуваше кај Удинезе остана со максималниот ефект и сите осум победи, Рома исто така на гости кај Емполи ја постигна третата последователна победа, а интересно е што сите три саботни средби завршија со победи од 2:0.

Рома во водство дојде преку Н’Зонзи во 36 минута, а домашните можеа да израмнат во 58 минута, но Капуто не реализираше удар од белата точка и го префрли голот. Победата на Рома ја потврди Един Џеко во 85 минута. Со третата победа со ред, „Волчицата“ се искачи првремено на третото место на табелата од Серија А, со 14 бодови. Емполи, пак, се наоѓа во зоната на испаѓање, 18-ти е со пет бодови.

Јувентус за само четири минути го реши гостувањето во Удине. На „Дачија Арена“, торинската „Стара дама“ по неколкуте нереализирани шанси поведе во 33 минута со голот на Уругваецот Бетанкур, а веќе во 37 минута Кристијано Роналдо по асистенција на Марио Манџукиќ биеше страотно за 2:0. Во продолжението Јуве имаше уште неколку добри можности, а најблиску до гол беше Манџукиќ кој при крајот на средбата ја погоди стативата. Јувентус ги има сите 24 бодови, девет повеќе од вториот Наполи кој има меч помалку. Удинезе моментално е 15-ти со осум бодови и по недела може да оди едно место подолу.

Во првата саботна средба Калјари како домаќин ја победи Болоња со 2:0, а головите ги постигнаа Жоао Педро во 22 и Паволети во 68 минута. Калјари се закотви на 13-та позиција на табелата со девет бодови, а Болоња е 16-та со седум бодови.

Претходно во петокот вечерта Торино со 3:2 го совлада Фросиноне.

Во недела се среќаваат Џенова – Парма, Аталанта – Сампдорија, Лацио – Фиорентина, Милан – Киево, Наполи – Сасуоло и СПАЛ – Интер.