Јуве победува и без головите на Роналдо, Наполи со голем пресврт подобар од Милан

Јувентус во саботата го доби полесно од очекуваното дербито против Лацио со 2:0 во трката по осмото скудето со ред, а второто дерби од второто коло во Серија А, Наполи дома беше подобар од Милан со 3:2.

Дербито во Торино го одбележа фантастичниот гол на босанскиот репрезентативец Миралем Пјаниќ кој во 30 минута биеше неодбранливо од дваесетина метри, откако му асистираше Марио Манџухиќ, кој во 75 минута за конечните 2:0 ја заби од близина топката во мрежата на „бјанкочелестите“ откако Кристијано Рпналдо се сплетка и не успеа да го постигна својот прв првенствен погодок откако летово пристигна на Апенините.

Фудбалерите на Наполи, пак, со голем пресврт на војот „Сан Паоло“ го совладаа Милан со 3:2 (0:1). Гостите од Милано имаа водство од 2:0 со головите на Бонавентура во 15 и Калабрија во 49 минута, но домашните во игра со два гола ги врати Зиелински, во 53 и 67-та, а целосниот пресврт го заврши Мартенс во 80 минута.

Јувентус и Наполи имаат по максимални шест бодови, додека Лацио и Милан се без бодови, но „миланезите“ имаат и меч помалку, затоа што беше одложен нивниот дуел од првото коло со Џенова.

Во недела играат СПАЛ- Парма, Фиорентина – Киево, Калјари – Сасуоло, Фросиноне – Болоња, Џенова – Емполи, Интер – Торино и Удинезе – Сампдорија, додека во понеделниот колото ќе го заокружат Рома и Аталанта.