Во последниот меч од четвртфиналето на италијанскиот фудбалски куп, Јувентус во градското дерби го совлада Торино со 2:0, а куриозитет беше што овој натпревар RAI Sport го вршеше без коментатор.
Јувентус поведе веќе во 15 минута со голот на Даглас Коста на асистенција од Паоло Дибала, а на 2:0 зголеми Марио Манџукиќ во 67 минута, со убав лоб на противничкиот голман. По погодокот, судијата Даниеле Довери бараше проверка на видео снимката поради наводен прекршок на Саи Кедира, но го призна голот, по што тренерот на Торино, Синиша Михајловиќ, жестоко реагираше за што беше исклучен.
Јувентус во полуфиналето ќе игра против Аталанта којашто во вторникот приреди изненадување и како гостин го совлада со 2:1 лидерот во Серија А – Наполи.
Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Милан, кој уште на 27-ми декември во градското дерби со 1:0 го совлада Интер во продолжувањето, а ден претходно со идентичен резултат Лацио ја совлада Фиорентина.
Првите полуфинални дуели се играат на 31-ви јануари, а реваншите на 28-ми февруари.
Мечот меѓу Јувентус и Торино телевизискиот канал RAI Sport го вршеше без телевизиски коментатори, во знак на протест бидејќи јавниот сервис RAI првпат во историјата нема да ги пренесува натпреварите од светското фудбалско прванство.
Правата за пренос на 64-те натпревари од Мундијалот во Русија изнесуваа 93 милиони долари, а ги откупи Mediaset, најголемата италијанска комерцијална телевизија којашто во 1987 година ја основаше поранешниот италијански премиер и сопственик на фудбалскиот гигант Милан, Сивлио Берлускони.
Покрај тоа, италијанската државна телевизија RAI нема право да пренесува ниту еден натпревар во Серија А, бидејќи правата ги поделија комерцијалните телевизии Sky и Mediaset.
„Сметаме дека е неприфатливо спортот сега да е привилегија за оние кои може да си дозволат претплата пеј-тиви. Сакаме според за секого и за сите. Се извинуваме поради непријатноста, меѓутоа, ова е неопходен протест. Граѓаните коишто плаќаат телевизиска претплата имаат право бесплатно да ги гледаат најважните спортски настани“, порачаа вработените и новинарите на RAI.
Управата на RAI одговори со соопштение во коешто порача дека јавната телевизија годишно на спорт троши 200 милиони евра.
„Емитувањето на светското првенство на коешто нема да ја има репрезентација на Италија, не е во јавен интерес“, порача управата на јавниот сервис.