Ким Џонг Јанг е избран на годишното заседание на Генералното собрание на Интерпол во Дубаи.
Тој го победи рускиот кандидат, полицискиот генерал Александар Прокопчук, кој беше фаворит во трката.
Прокопчук е актуелен потпретседател на Интерпол. Критичарите на Кремљ за него рекоа дека е близок до претседателот на Русија Владимир Путин.
Белата куќа и нејзините европски партнери лобираа против рускиот кандидат за шеф на меѓународната полициска организација.
Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео синоќа изјави дека САД „цврсто го поддржуваат“ јужнокорејскиот кандидат за местото претседател на Меѓународната криминалистичка полиција – Интерпол, а претходно и американскиот Совет за национална безбедност и американските сенатори го поддржаа јужнокорејскиот кандидат.
Кремљ вчера го осуди апелот на американските сенатори делегатите на Интерпол да гласаат против рускиот кандидат, сметајќи дека тоа е еден вид мешање во изборите на една меѓународна организација.
Ким ќе биде на местото претседател до 2020 година и ќе го заврши четиригодишниот мандат на својот претходник Менг Хонгвеј, кој е притворен во Кина.