Кадетите ја совладаа и Летонија за водечка позиција во групата

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија продолжува со одличните настапи на ЕХФ-шампионатот што се одржува во Летонија. По триумфите над Турција и Косово, „црвено-жолтите“ денеска одиграа одличен меч и против директниот противник за првото место во групата, домаќинот Летонија забележувајќи убедлив триумф од 33-23.

Победата беше најавена уште од почетокот на натпреварот кога при резултат 2-2, нашите кадети со одлична тимска игра и течен напад забележаа серија од 6-1 за предност од 8-3. Летонците на момент успеаја да ги консолдираат своите редови, но не и да запретат на нашето високо водство кое остана на семафорот и по 30. минути игра (21-12).

Работите на паркетот не се променија ниту во второт дел од мечот во кој Македонија продолжи да го диктира темпото. Серијата од 3-0 на Димковски и Стојановски го донесе и првото двоцифрено водство (24-14) во второто полувреме по што беа решени дилемите за победникот на мечот.

Предводници на нашата репрезентација со по шест гола беа Димковски, Петковски и Узунчев. Нив ги следеше Шулески со четири, додека три гола постигна Стојановски. Кај Летонија најрасположен со осум гола беше Рогонов.

Со денешата победа Македонија како првопласирана екипа влегува во победничката фаза од натпреварувањето. Во полуфиналната борба за противник ќе го имаме поразениот од натпреварот помеѓу Швајцарија и Луксембург.