Кадиров реагираше на санкциите на ЕУ за неговите ќерки

Чеченскиот водач Рамзан Кадиров изјави во петокот дека е горд на своите ќерки Ајшат и Хадижат, кои Европската унија ги вклучи на листата санкционирани лица од Руската Федерација во рамките на деветтиот круг антируски санкции поради руската инвазија во Украина.

Кадиров, кој е силен поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, води единици на чеченски специјалци и доброволци во чии редови се пријавуваат и многу Руси од другите делови на земјата во борбените операции на украинскиот југоисток, а таму ги поведе и своите два сина тинејџери.

Покрај ќерките на Кадиров, ЕУ од Чеченија на листата санкционирани лица го стави и неговиот братучед Турпал-Али Ибрахимов, кој е секретар на чеченскиот совет за безбедност.

„Драги Ајшат и Хадижат! Продолжете така! Вие сте моите мали и кревки ќерки, но цел Запад се плаши од вас како од пеколот! Неизмерно сум горд на вас, сакани мои! Добредојдовте на списокот со санкции на ЕУ!“, објави на платформата за размена на пораки Telegram Кадиров кој претходно меѓу првите беше и самиот вброен на листата на Брисел.

Кадиров ги опиша новите санкции како „уште една околност што го обединува веќе тесно поврзаното семејство“. „Турпал-Али ти исто така ќе мораш да го откажеш патувањето во Лондон и да ги затвориш сите сметки во швајцарската банка“, саркастиччно додава чеченскиот лидер.

Чеченскиот министер за национална политика, надворешни односи, печат и информации, Ахмет Дудаев, коментирајќи ги новите санкции на ЕУ во кој се вклучени и ќерките на Кадиров, изјави дека тоа е „уште еден доказ за кукавичлукот на европските лидери и апсурдноста на нивните одлуки“.

„Никој не е изненаден од ваквата одлука од нивна страна. На крајот на краиштата, тој е оној истиот колективен Запад кој шири гадости и античовечки вредности во светот“, напиша Дудаев во својот профил на Telegram.

Ајшат и Хадижат Кадиров ги нарече „достојни ќерки на чеченскиот народ“. „Тие се ценети и почитувани поради нивната посветеност на родната земја, високиот професионализам, лојалноста кон религијата и најдобрите чеченски традиции“, додаде тој.

Најстарата ќерка на чеченскиот лидер Ајшат Кадирова, е министер за култура на Чеченија, а Хадижат Кадирова го води секторот за предучилишно образование.

Претходно во петокот ЕУ објави дека официјално на сила стапил новиот деветти пакет санкции против Русија. Покрај целените санкции кон одбранбениот, технолошкиот и финансискиот сектора на кој се додаваат нови компании и банки, вклучени се уште и стотина лица, пратеници, гувернери на региони но и познати руски уметници како прославениот режисер Никита Михалков.