Чеченскиот челник Рамзан Кадиров изјавил во неделата дека посакува да создаде армија којашто ќе ги заштитува угнетените народи од „таканаречените демократски“ земји, пренесува агенцијата РИА повикувајќи се на својот дописник од чеченската престолнина Грозни,.
„Во последно време сѐ повеќе размислувам за формирање толку добра армија којашто би можела да се префрла во различни држави и да ги заштитува народите кои ги поткопуваат оние земји коишто себеси се нарекуваат најдемократски“, рекол Кадиров пред новинарите.
Додал дека сака „конкретно подготвен“ тим од луѓе од целиот свет, коишто според него треба да бидат патриоти кои се подготвени да ги положат своите животи „не за пари, туку за редот и поредокот“.
„Тоа е многу сложен пат, но ние се стремиме кон тоа и одиме напред“, рекол Кадиров без да изложи поединости за своите планови.
Ова не е првпат чеченскиот лидер да зборува за формирање специјални единици, покрај чеченските чиј командант е и кои се во составот на руската армија. Во февруари годинава Кадиров зборуваше за планови за формирање приватна воена компанија откако ќе ја заврши државната служба. Тогаш тој изрази увереност дека успешно ќе го реализира „овој проект“.