Каков изборен ден не’ очекува в недела?

Предвремените парламентарни избори в недела, според сите чинители, ќе бидат историски и едни од најважните избори одржани во Македонија. Овие избори ќе бидат и јубилејни 20-ти избори во Македонија.

За сите политички партии влогот во овие избори е голем. За државата е особено важно изборниот процес да се одвива во фер и демократска атмосфера, без нарушување на гласањето, без насилство и инциденти.

Според последните информации од Државната изборна комисија засега процесот на подготовка на изборите тече непречено и се’ е подготвено за в недела во седум часот да се отворат гласачките места и граѓаните да го остварат своето граѓанско право на глас.

Сепак, во предвечерјето на изборите струјат информации и растат стравувањата  за евентуални инциденти. Аналитичарите велат сите инволвирани во изборниот процес не смеат да се дозволат било какви нарушувања.

„Република Македонија, институциите на системот, изборните органи, политичките партии, посебно опозициските партии, сите инволвирани страни на директен или индиректен начин не смеат да дозволат какви било нарушувања на изборниот процес, или какви било проблеми кои ќе можат да го проблематизираат изборниот ден и изборните резултати“, вели професорката Тања Каракамишева Јовановска.

Професорката додава дека клучно е на денот на изборите граѓаните да не потпаѓаат на провокации и лажни информации.

tanja-karakamiseva„И покрај бројните индиции кои можат да се насетат дека на денот на изборите, како и деновите потоа се можни одредени инциденти и проблеми поттикнати од страната што знае дека ќе ги изгуби изборите, граѓаните на Република Македонија заедно со органите задолжени за организирањето и спроведувањето на изборниот процес ќе успеат да ги надминат сите предизвици и сите сценарија. Важно е да се сочува смиреноста меѓу граѓаните, граѓаните да не потпаѓаат под можни провокации, лажни информации, да се излезе масовно, најмасовно до сега на избори и да се стави крај на политичката криза која не донесе добро ниту за граѓаните, ниту за имиџот на државата“, вели Каракамишева Јовановска.

Загриженост меѓу граѓаните за тоа што се’ може да се случи на денот на избори предизвика информацијата дека амбасадата на САД  ги предупредува своите државјани в недела да не се движат на места во близина на собири. Од амбасадата објаснија дека станува збор за стандардно известување за американските државјани која се практикува пред секое избори во било која држава.

Професорот по безбедност, Златко Кескоски во интервју за телевизијата Нова вели Америка предупредува, но тоа не значи дека нешто предвидува.

„Не се работи за стандардна процедура во однос на сите земји во светот, меѓутоа за земја како Америка тоа е сосема нормално. Тие навистина упатуваат писма и предупредување за секое евентуално нарушување“, изјави Кесковски и додаде дека од друга страна Македонија е во една политичка криза, а состојбата вриеше во изминатиот период.

„Поларизација има на населението и од политички и од етнички карактер така што мислам дека предупредувањето не значи дека нешто тие предвидуваат“, смета Кескоски.

Политичките партии денеска во своите последни обраќања пред изборниот молк повикаа граѓаните масовно да излезат на избирачките места и да гласаат според сопствените убедувања. Претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќање до граѓаните повика сите вклучени во изборниот процес да покажа достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

gorge-ivanov

 

„Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат согласно законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес, рече Иванов.

Како држава, посочи тој, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес.

„Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија“, нагласи претседателот Ѓорге Иванов.

Регуларноста на овие избори ќе ја надгледуваат повеќе од 7,000 домашни и странски набљудувачи.