Калифорнија ги повика соседните американски сојузни држави да ѝ се придружат против особено силните шумски пожари во коишто од неделата загинаа 23 лица, 3.500 градби се уништени, за повеќе стотици лица уште не се знае каде се наоѓаат, а состојбата би можела да се влоши.
„Состојбата ќе продолжува да се влошува пред да се подобри. Ова ќе биде долга борба“, предупреди Кен Пимлот, функционер на калифорнискиот оддел за шуми и цивилна заштита на прес-конференцијата одржана преку Facebook.
„Станува збор за тежок, сериозен, катастрофален настан. Пожарите се шират буквално побрзо од движењето на пожарникарите во некои зони“, оцени Пимлот претходно.
Поткрепени со ветар со јачина од над 60 километри на час, со само 8 отсто влага во воздухот, 22 пожари пеплосаа од неделата речиси 77.000 хектари во осум калифорниски окрузи. Пожарникарите проценуваат дека се уништени најмалку 3.500 градби, куќи и продавници.
Повеќе од 8.000 пожарникари се справуваат со пламените јазици, со поддршка на повеќе од 70 хеликоптери и 30 противпожарни авиони, како и стотици возила на земјата.
Властите на најнаселената американска сојузна држава, веќе добиле засилувања од соседните сојузни држави како Невада, Вашингтон, Орегон, Аризона, а другите се очекува дека ќе го следат овој пример.
Националната гарда на Калифорнија распореди 700 војници на коишто во четвртокот треба да им се придружат дополнителни 1.800 припадници, изјави генерал-мајорот Дејв Балдвин, шеф на кризниот штаб на гувернерот на Калифорнија.
Според спасувачките служби, во пожарот загинаа 23 лица. Шерифот на округот Сонома, Роберт Џордано, изјави за новинарите дека 285 лица уште не се лоцирани, истакнувајќи дека се уништени повеќе од 70 базни станици за мобилната телефонија, што ја усложнува задачата на властите.
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи во вторникот состојба на природна катастрофа во Калифорнија.