Каменос од Брисел порача дека членството на Македонија во НАТО е „невозможна мисија“

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на самитот во Брисел прима честитки од НАТО сојузниците за решениот спор со името, додека неговиот министер за одбрана Панос Каменос предупредува дека членството во алијансата за Македонија е невозможна мисија, пренсуваат во четвртокот агенциите, што уште еднаш ги потврди длабоките поделби во грчката влада.

Министерот за одбрана Каменос порача дека Преспанскиот договор нема да се имплементира, зашто како што оцени, нема шанса да биде ратификуван во грчкиот парламент, ниту да го преживеел македонскиот референсум. Од новото седиште на НАТО ѝ се обрати и на македонската влада.

„Можат да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат се’ додека го користат терминот Македонија“, изјавил Каменос пред грчките новинари во Брисел, како што пренесе новинската агенција АNA-МPА и потенцирал дека нема да излезе од владата на Ципрас, се’ додека скопското прашање не дојде во грчкиот парламент.

Ден откако лидерот на опозицијата Мицотакис ги обвини Ципрас и Каменос дека со Договорот од Преспа прво признале македонски јазик и националност, а вчера ја отвориле вратата за членство во алијансата на земјава, денеска се огласи и одговорниот за надворешна политика во Нова Демократија.

„Поканата за Скопје од страна на земјите-членки на НАТО е неотповиклива. Поканата значи отпочнување низа технички и процедурални постапки, кои доведуваат и до конкретни резултати“, изјави Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика на Нова демократија.

Покрај поканата за членство на Макдонија во Алијанската, во сличниот контекнст Грција втор ден ја бранува и дипломатскиот скандал со протерувањето на руските дипломати од Атина, наводно и поради обид да го поткопаат Договорот за името.

„Имаме недостиг од информации, кои засега доаѓаат само од дипломатски извори. Како и да е, тоа е сериозен удар за грчко-руските односи. Ние ќе излеземе со став кога ќе имаме официјална информација“, рече Кумуцакос.

Агенцијата Reuters претходно во чествртокот објави дека двајцата протерани руски дипломати биле ангажирани и во организирањето на протестите против Договорот за името во Грција. Москва експресно возврати со иста мера и протера двајца грчки дипломати од Русија.