Кампања „Читаме современи македонски автори“

Следејќи ја мисијата да биде скопско и македонско културно јадро, но и место на паметење, меморија и портал кон културата, а пред се кон литературата, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје ја иницира кампањата „Читаме современи македонски автори“. Активностите ќе започнат на 1 септември, а целта е на читателите да им се доближат делата на современите македонски писатели од поновата генерација.

-Македонската литература има долга традиција, а нејзината вредноста ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, сограѓани, луѓе со кои заедно го креираме македонскиот културен контекст. Свесни сме дека како земја и култура немаме изградена стратегија за превод на македонската литература на светски јазици, дека многу од нашите автори, иако заслужуваат немаат ниту еден превод надвор од нашите граници, но тоа не не’ обесхрабрува. Напротив, сметаме дека токму нашите читатели треба да бидат тие кои ги читаат домашните писатели. Оттука, нашиот порив да поттикнеме што поголем интерес за домашната литература и за македонските автори. Тоа го правиме во соработка со македонските издавачи, кои засега одлично одговараат на повикот и идејата за кампањата, вели директорката Снежана Стојчевска.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ ќе се одвива низ неколку активности: Библиотеката предлага книга на месецот, која ќе биде достапна низ сите објекти, потоа следува разговор со авторот, а на крајот и Клуб на читатели – отворен за сите кои ќе сакаат да ги споделат своите впечатоци по читањето на делото.

Проектот, клако што информираат од Градската библиотека, започнува на 1 септември со книгата „Сфинга на гневот“ од авторот Жарко Кујунџиски.

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ е основана во 1945 година. Денес во нејзин состав работат четири централни библиотеки, 14 подружници и една подвижна библиотека и брои околу 26 илјади членови.