Kампања на МТСП „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вчера вечер во Битола, присуствуваше на кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“ во организација на СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Центрите за поддршка на згрижувачките семејства, Центрите за социјална работа и локалната власт. Целта на кампањата која започна од почетокот на месец јуни, е подигање на свеста за значењето на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството.

„МТСП преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете, да расте и се развива во средина блиска на семејната. Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината,“ рече министерката.

Таа истакна дека на полето на развој и унапредување на услугата сместување во згрижувачко семејство се прават напори да се прошири мрежата, да се подигне квалитетот на грижа во постоечките згрижувачки семејства и да се развијат специјализирани згрижувачки семејства.

„СОС Детско село кој е наш долгогодишен партнер во грижата за децата без родители и родителска грижа. И сосема природно е да се вклучи во овој процес преку воспоставување на Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата. За оваа услуга МТСП склучи договор со СОС Детско село за финансиска поддршката на 60 згрижувачки семејства“, рече Тренчевска.

На ниво на држава, воспоставени се три центри за поддршка на згрижувачки семејства, тоа се центрите при СОС Детско село, Детскиот дом „11 Октомври„ Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници.

Кампањата е организирана со поддршка на проект, кој го води СОС Детско село со поддршка на Министерство за труд и социјална работа. Проектот е наречен Право на семејство – „Унапредување на системски недостатоци – Поддршка на реформите во системот за заштита на деца”.