Кампања за поголема безбедност на децата во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта на почетокот на секоја учебна година реализира кампања за подигање на свеста за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Мотото на кампањата е „Безбедно дете – за безбедна и сигурна иднина“ #Вози одговорно.

Целта на оваа сообраќајно-воспитна и едукативна кампања, како што информираат од РСБП, е што поголем број ученици да бидат едуцирани и информирани за основните правила и прописи во сообраќајот и за ризикот и опасностите на кои секојдневно се изложени во сообраќајот. Целта е и да се насочи вниманието на возачите и надлежните институции кон имплементација на мерки и активности за поголема безбедност на децата во сообраќајот.

Од РСБП посочуваат дека ниту еден родител, наставник, возач, не смее да го потцени ризикот што го носи сообраќајот по животот и здравјето на децата, и дека обврска на секој родител, старател, наставник, обврска на општеството е да ги заштити децата во сообраќајот.

-Со почетокот на учебната година, наша заедничка обврска е да ги потсетиме и да ги научиме децата на најважните правила и прописи во сообраќајот, да ги научиме децата како се поминува улица или крстосница, како се поминува на семафор, кој е најкраткиот и најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно, се вели во соопштението на РСБСП.

Според претседателот на РСБСП, Гордана Кожуваровска, безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност и обврска на возрасните

-Да ги зачуваме децата од повреди и загуби во сообраќајот. Бидете внимателни возачи, намалете ја брзината во близина на училиште или градинка. Бидете одговорни родители, научете ги децата како безбедно да се движат во сообраќајот. Грижете се за безбедноста на децата во сообраќајот. Возете и чувајте го секое дете во сообраќајот како ваше дете, рече Кожуваровска.бт