Кампањата за здрава храна и здрав начин на живот е една од најзначајните кампањи што ги почнуваме. Целта ни е да им помогнеме на граѓаните со совети што е она што може да им го подобри здравјето, да им го продолжи животот и да ги направи посилни и поздрави и што е она што може да делува обратно, во полоша насока, изјави премиерот Никола Груевски.
Во кампањата која ќе трае повеќе месеци, ќе има многу активности и многу чекори. Покрај спотовите и билборди, ќе има и многу телевизиски настапи на стручни лица.
– Идејата е пораката да допре до умовите на сите граѓани да размислат околу тоа доколку сакаат да имаат подолг и поздрав живот. Секој сам одлучува што ќе консумира за храна. Тоа е индивидуална одлука и никому не му се мешаме за тоа. Наша обврска, како Влада, е од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот да ги доближиме до секој обичен граѓанин, секој да може да го разбере тоа затоа што не секој граѓанин може да прочита што некој кажал на Јелоу, на Харвард или што препорачува СЗО, истакна Груевски.
Имаме граѓани, подвлече премиерот, со различен степен на образование. -Имаме граѓани кои се фокусирани на различни области и не секој се фокусира на ова прашање што е сосема разбирливо и така е во секоја земја. Затоа е тука Владата која треба да најде начин, механизми како да го доближи тоа до секој човек да го разбере тоа за негово добро.
Според него, второстепено е тоа што ќе значи за самата држава затоа што ќе превенира и ќе спречи многу болести за кои државата троши пари за лечење. – Од тие болести луѓето патат откако ќе ги добијат. Некои ќе се излекуваат, некои не но се изложуваат на многу непријатности, а некои завршуваат и порано со животот, рече премиерот.
Во кампањата, која ќе биде повеќемесечна, пообемна и сеопфатна, ќе бидат вклучени огромен број медицински лица, нутриционисти, кои ќе даваат совети, ќе објаснуваат многу работи.
– На многу луѓе не им е јасно зошто тоа е подобро да се јаде. И во делот на спортот, во делот на рекреацијата и здравиот живот и тука ќе настапиме со многу различни механизми. Политиката на Владата за изградба на спортски игралишта, спортски сали и други спортски терени е во духот на здравиот начин на живот. Ние не само што зборуваме, ние и делуваме, ние работиме конкретни дела што на луѓето можат да им помогнат во правец на одржување на нивното здравје и добивање подолг живот, додаде премиерот Груевски.