Канада и Германија преговараат за ситуацијата со турбините на „Газпром“

Канада е во преговори со Германија за надминување на последиците од одлуката на Отава да не ја испорача поради санкциите против Русија турбината за гасоводот Северен тек поради што драстично се намалени испораките на природен гас, изјави за деловната агенција Bloomberg, канадскиот министер за природни ресурси Џонатан Вилкинсон.

„Во тек се преговори со Германија, обидувајќи се да најдеме начин преку кој навистина ќе можеме да обезбедиме снабдување со гас. Постојат различни опции коишто можеме да ги разгледаме“, рекол Вилкинсон.

Истакнал дека Канада сака да ги почитува санкциите коишто ѝ ги воведе на Русија следејќи ги САД и ЕУ поради војната во Украина, но дека нивната цел „никогаш не била да се предизвика значителна штета на Германија“, којашто Вилкинсон ја опишува како „еден од најблиските пријатели и сојузници“ на Отава и заклучува дека неговата земја е „многу загрижена за ситуацијата со турбините“.

За Германија гасоводот Северен тек 1 е главниот цевковод за снабдување со руски гас. Гасот веќе престана да се испумпува низ гасоводот Јамал-Европа. Значително е намален и транзитот на руски гас низ Украина, откако тамошниот државен оператор одби да ги прима гасот преку вториот транзитен јазол.

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ од 16-ти јуни ги намали испораките на природен гас во Европа преку гасоводот Северен тек на 67 милиони кубни метри дневно наспроти планираните 167 милиони кубни метри поради доцнењето на враќањето на турбината од компресорската станица „Портоваја“.

Опремата, за којашто е задолжена германската компанија „Siemens“ е ремонтирана во погоните „Siemens Energy“ во канадски Монтреал, но властите во Отава не дозволуваат таа да биде вратена во Русија поради санкциите. Функционирањето на другата гасна турбина го запре рускиот регулатор Ростехнадзор, бидејќи истекувал периодот за нејзиното одржување.

Така, во моментов има две рути за испорака на руски гас во Европа, 42 милиони кубни метри дневно преку Украина и 67 милиони кубни метри дневно преку Северен тек.

Низ Европа расте загриженоста откако Русија го прекина снабдувањето со гас за неколку земји кои освен што ѝ воведоа санкции поради нејзината воена интервенција во Украина, го одбија и новиот модел на плаќање на енергенсот во рубљи.

Европските земји во голема мера се потпираат на рускиот гас, најмалку третина од потребите од енергенсот ги добива од Русија, и се обидуваат да најдат алтернативни извори. Сепак, поради тешкотиите во догледно време, можеби и за неколку години, да се обезбедат алтернативните правци на снабдување а во сезоната на полнење на подземните складишта со гас пред почетокот на сезоната на затоплување, многу земји во Европа сè уште купуваат руски гас, што помага да се одржи руската економија.