Коалицијата Вреди, слушајќи ги потребите и барањата на матичните лекари, направи важен чекор кон подобрување на условите за работа во примарниот здравствен сектор. Министерот за Здравство Арбен Таравари во соработка со претставници од здравствениот сектор најави зголемување на капитацијата за матичните лекари за 20 до 25 денари, информираше Вреди преку соопштение.
„Па така, од следниот период капитациониот надоместок од 75 денари ќе се зголеми на 100 денари по пациент, мерка која има за цел да ги поддржи лекарите од примарната здравствена заштита во исполнувањето на нивните обврски и подобрување на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните. Ова исто така ќе игра улога во спречувањето на болестите, а не само во нивното лекување. Ќе работиме со лекарите од примарната здравствена заштита за да ги охрабриме пациентите да подлежат на повеќе здравствени прегледи и тековни тестови, особено мамографија за жени. Ова зголемување претставува јасен доказ за посветеноста на коалицијата Вреди и на Министерството за здравство да ги слушаат и да ги задоволат реалните потреби на лекарите од примарната здравствена заштита. Тоа е чекор кој не само што ја зголемува нивната мотивација, туку придонесува и за градење на поефикасен и поквалитетен здравствен систем за сите граѓани“, се вели во соопштението.
Вреди ветува дека оваа одлука е само една од многуте мерки што ќе бидат преземени за подобрување на условите за работа на здравствените работници и унапредување на здравствениот сектор воопшто.
„Коалицијата Вреди останува посветена на продолжување на дијалогот со сите релевантни чинители и на обезбедување дека барањата и грижите на лекарите се земаат предвид при секој чекор од донесувањето одлуки. ДУИ нон грата го остави здравството во ‘клиничка смрт’, но сега се враќа во живот, благодарение на посветеноста и визијата на коалицијата Вреди и министерот Таравари. Заврши времето на скандали на Онкологија, палење модуларни болници, сурови услови во болниците и игнорирање на гласот на матичните лекари. Коалицијата Вреди е за посилно и поправедно здравство! Трансформиран здравствен систем каде здравствените работници и пациентите ќе имаат оптимални услови“, наведено е во соопштението.