До крајот на 2016-та и во првата половина на 2017-та во Охрид ќе започнат да се градат повеќе капитални објекти чија вредност е околу 25 милиони евра, а кои се од голема потреба за граѓаните и кои во изминатите децнии беа напразно ветувани, а сега конечно се реализираат.
Според најавите треба да се градат нова ‘’Марина’’, две катни гаражи, пешачка патека од пристаниште од Канео, ‘’Конгресен центар’’, како и нов објект за ‘’Дом на култура’’. Заедно со претходно потпишаните инвестиции за градба на покриен базен и покриен ‘’Зелен Пазар’’, нова современа ‘’Авотбуска станица’’, како и ‘’Дом за стари лица’’, серијата инвестиции која почнува да се реализира ги решава потребите на Охрид од овие капитални објекти за следните 30 до 50 години.
-Морам на почеток да кажам дека овие инвестиции се реализираат со заложба на премиерот Никола Груевски, кој силно се залагаше да се обезбедат овие инвестиции во Охрид со што градот го заокружува циклусот на инвестиции во капитални проекти и реално ги заокружува потребите на градот за наредните три до пет децении од ваков вид на објекти, изјави за Охрид1 градоначалникот Никола Бакрачески.
Општина Охрид до сега ја обезбедила Урбанистичката планска документација, како и сите потребно документи за почеток на градба на зелениот пазар, автобуската станица, како и за домот за старите лица, а во моментов општината треба да обезбеди урбанистичка планска документација за конгресниот центар и катните гаражи. Министерството за транспорт и врски треба да ја обезбеди документацијата за марината, пешачката патека и новиот објект за домот на културата.
-Конгресниот центар и една од двете катни гаражи ќе се инвестиции на ЕЛЕМ, а во другата катна гаража ќе инвестира ‘’А.Д. за стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Република Македонија’’. МЕПСО ќе инвестира во марината и пешачката патека од пристаништето до Канео, која од Канео ќе се поврзе со плажата Лабино, но во тој дел по земјен пат, вели Бакрачески за Охрид 1.