Караџовски: Не сум мафијаш, не давам влакно да ѝ фали на Комисијата за заразни болести

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски на денешната прес конференција посочи дека просечно околу 80 отсто од потврдените случаи се асимптоматски.

-2-4 отсто завршуваат на клиника со воспалителен процес на белите дробови, додека пак 1-4 отсто завршуваат на респираторна машина, посочува Караџовски.

Тој дополни дека имаат 50-60 студенти во петта и шеста година на медицинскиот факултет.

-Ги ставивме сите во функција. Ние немаме 500-600 луѓе кои ќе можеме да ги вклучиме во работата. Здравствените работници се при крај со силите. Ве молам, дајте да ги почитуваме мерките, финансиски ќе издржиме, но не знам колку ќе можеме да се справиме со ситуацијата ако се продолжи вака, истакна Караџовски.

Тој изјави дека никогаш со неговата фамилија не биле мафијаши, ниту дека се продаваат за ситни пари, како што пишувало во некои медиуми.

-Не дозволувам влакно да и фали на Комисијата, ниту на нашите семејства. Бараат оставка од мене, сакам ова да отиде во медиумите. Викаат дека сум корумпиран, нека дојде некој да ми покаже дали овој господин ми потпишал нешто за да земам повеќе пари. Ние од Комисијата сме чисти како солза- рече видно револтиран д-р Караџовски.