Каракачанов: Македонија да си го смени менталитетот за да влезе во ЕУ и НАТО

Скопје да престане да ја фалсификува историјата е новото обвинување кое во два дена стигна од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, откако во саботата во соопштение напиша дека нема да дозволи протнување на македонскиот јазик како официјален во ЕУ и НАТО.

Каракачанов во интервју за бугарски медиум во неделата повторно во фокус ја стави бугарско-македонска комисија за историските прашања за која рече дека во година и половина не направила никаков напредок и оти бугарската страна не опстојува на доволно цврсти позиции.

„Од бугарска страна има желба да се прават компромиси, што според мене е недозволиво, а од македонска стана има желба да се оспорува, да се извртува, да се инститира на формулации кои немаат врска со иториската вистина”, изјави Каракачанов.

Каракачанов притоа вели дека во Скопје треба да се смени однесувањето. „Македонија не треба да влезе во НАТО со овој менталитет“, изјави Каракачанов.

Каракачанов вчера го предупреди македонскиот премиерот Заев да не инсистира на постоење на македонскиот јазик откако тој минатата недела изјави дека Договорот од Преспа го гарантира постоењето македонскиот јазик. На изјавата вчера реагираше македонското МНР од каде изјавите на вицепремиерот и министер  за одбрана на Бугарија ги оценија како извонредна прилика за сличен контраодговор и создавање на врзан негативен круг што ќе не оддалечи едни од други и ќе создава непријателство, наместо пријателство.

„Потпишавме договор за пријателство и ќе градиме пријателство, но тоа подразбира меѓусебно разбирање, почит и грижа за интересите на соседот“, реагираше македонското министерство за надворешни работи.

Каракачанов во денешната изјава наведува дека тој како како лидер на ВМРО-БНД,  историчар и Бугарин има право на свое мислење и оти ќе го брани, но оти со тоа не ја обврзува бугарската владата.

Засега нема реакција на бугарската влада по изјавите и обвинувањата на нејзиниот вицепремиер и министер.

Изјавата на Заев за македонскиот јазик освен во Бугарија, предизвика реакции и во Грција. На неговиот став дека со Договорот за името се отвора шанса македонскиот јазик да се изучува и во Грција, од Атина стигна предупредување: Македонија да се придржаува до Договорот за името. Од македонската влада за Телма наведуваат дека информациите оти Грција ќе бара анекс на Договор за името во делот на јазикот, не се точни и биле демантирани од владата во Атина.

За изјавата на Заев која ја вознемири Грција од владата преку соопштение наведуваат дека жалат ако тој бил погрешно разбран.

„Со член 4 (3) од Договорот од Преспа се обврзуваме да не се мешаме во внатрешните прашања на Грција, вклучително и во заштита на правата на секој што не е наш државјанин. Во таа насока, се разбира дека јазичните политика во двете земји не се определени со Преспанскиот договор“, се вели во соопштението.

Притоа од владата додаваат дека го разбираат и почитуваат тоа оти прашањето кои јазици се изучуваат во Грција е прашање на внатрешни работи и домашана политика.