Каракачанов разрешен, ќе го наследат тројца копретседатели во ВМРО

По 25 години на чело на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов од денеска не е веќе претседател на партијата. Неговото заминување доаѓа по катастрофалните резулатати на трите избори минатата година кога на ниедно од тие гласања партијата не успеа да го помине изборниот праг.

По изборите во ноември кога партијата освои едвај 1 отсто од гласовите Каракачанов поднесе оствака, а денешниот конгрес избра тројца копретседатели да ја водат партијата. Колективното раководство го сочинуваат европратеникот Ангел Џамбаски, кој има радикални ставови околу Македонија, и поранешните пратеници Искрен Веселинов и Александар Сиди. Каракачанов е избран за почесен претседател на ВМРО, јавија бугарските медиуми.

Во обраќањето до конгресот Каракачанов изјави дека владата на Кирил Петков бил уште еден експеримент направен од надворешни лоби кругови. „Сведоци сме на уште еден експеримент, кој некои надворешни владетели сакаат да ги избришат не само последните 32 години, туку и целата бугарска историја“, рече Каракачанов.

Бугарските медиуми пренесоа дека Каракачанов изјавил оти ВМРО никогаш не правело компмромис, а 80 отсто од Бугарите биле против отстапки во спорот со Македонија. Тој се пофали дека благодарение на ВМРО немало пробив во односите со Македонија. И дека неговата партија не отстапила и покрај „големиот притисок на кој беше подложена од властите на Северна Македонија“.