Неколку стотици каталонски автономисти протестираа во неделата во белгиската престолнина Брисел обраќајќи ѝ се на Европската унија барајќи „да ја одбрани демократијата во Каталонија во име на вредностите кои ја втемелија Европа“.
„Европа засрами се“, пишуваше на транспарентите на демонстрантите во еден парк на Брисел, недалеку од институциите на Европската унија. Со транспарентите собраните, исто така, бараа и ослободување на политичките затвореници крај Мадрид кој шпанската влада ги обвинува за организирање бунт против Шпанија и други дела во врска со одржаниот референдум за независност на Каталонија.
Отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон не дојде на овој протест кој го организираа автономистичките здруженија во Брисел.
„Европа, твојата иднина зависи од тоа што ќе сториш со Каталонија. Европската унија е изградена за фашизмот и тоталитаризмот никогаш повеќе да не се вратат“ изјави Антони Комин, еден од четворицата поранешни членови на регионалната влада кој е во егзил во Белгија од 30-т октомври заедно со Пучдемон.
„Демократијата во Шпанија не само што е болна, туку е и практично мртва“, оцени европратеникот Жозеп-Марија Терицабрас, ден по големата манифестација во Барселона во полза на ослободувањето на автономистичките функционери кои се во шпанските затвори.
„Страшно е што европските институции не разбираат дека по нападот врз демократијата, не може да им се одобрува на премиерот Маријано Рахој и на шпанските институции кои дејствуваат надвор од законот“, обвини каталонскиот парламентарец.
Светските агенции истакнуваат дека меѓу автономистичките бои за поддршка на каталонското прашање во неделата во Брисел се виореле и фландриското, валонското, баскиското и велшкото знаме.