Каталонските власти објавија победа на рефереднумот за независност

© EPA-EFE/SANTI DONAIRE

Каталонија го извојува правото да стане независна република откако на референдумот спроведен во неделата излегле околу 2,26 милион избирачи, од кои 90 отсто гласале за независност на оваа североисточна шпанска покраина.

„Од 2.262.424 гласачки ливчиња кои не беа запленети, на 2.020.144 е заокружено ‘ДА’, на 176.566 гласачки ливчиња е заокружено ‘НЕ’, 45.586 ливчиња се непотполнети, а 20.129 се неважечки“, објави каталонската влада ноќта кон понеделникот на Twitter.

Каталонија има население од околу 7,5 милиони, од кои 5,3 милиони имаат право на глас, а според некои процени според овие резулатати успеале да гласаат 42,3 отсто од избирачите. Според законот за референдум изгласан во каталонскиот парламент, изјаснувањето е успешно доколку позитивно се изјаснат мнозинството од излезените гласачи, најверојатно имајќи го предвид обидот за опструкции од централните мадридски власти.

Шпанскиот пемиер Маријано Рахој изјави во неделата вечерта рече дека биле заземени половината од избирачките места, а вкупно беа предвидени 2.315 гласачки места за рефередниомот кој официјален Мадрид и шпанскиот уставен суд го прогласија за незаконски.

Шпанската полиција во текот на заземањето на 92 училишта со гласачки кутии со гумени куршуми и пендреци ги растеруваше граѓаните кои со телата ги бранеа изирачките места при што се повредени 844 граѓани и 33 полицајци, а уапсени се четири лица од кое едно е малолетно.

Резултатите од референдумот подоцна ги соопшти портпаролот на каталонската влада, кој додаде дека станува збор за исход од гласањето.

„Тоа се бројките со коишто во моментов располагаме. Недостигаат уште околу 15.000 гласачки ливчиња, но можам да кажам, дека станува збор за конечен резултат, бидејќи процентите нема да се изменат“, изјави портпаролот на каталонската влада Жорди Турул.

Во своето официјално обраќање по соопштувањето на резултатите од гласањето, челникот на Каталонија, Карлес Пучдемон изјави дека народот на покраината го извојувал своето право на независна република. Според него, резултатите од изразувањето на волјата ќе им послужат на властите на регионот како основа за натамошните активности.

„Ние имаме право да бидеме слободна, мирна и демократската земја“, заклучи Пучдемон.

За Мадрид плебисцитот е правно невежечки

Позицијата на шпанските власти во однос на каталонскиот референдум е недвосмислена уште многу пред неделното гласање. Според официјален Мадрид тој нема никаква правна важност, бидејќи е во спротивност со уставот на земјата кој од воведувањето на демократијата пред половина век дозволува рефендумско изјаснување но само на целата територија на земјата, а не и во 17-те автономни региони.

„Во Каталонија не се одржа референдум“, истакна шпанскиот премиер Маријано Рахој веднаш по затворањето на гласачките места во Каталонија. „Правната држава ја сочува својата сила. Според него, сепаратистичкиот процес на регионалните власти „не успеал“. Додаде дека „мнозинството од каталонскиот народ не сакаше да учествува“ на референдумот.