Агенцијата за катастар на недвижности ја подржува и поздравува акцијата спроведена од страна на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на криминалот и корупцијата и се оградува од постапките и дејствијата на приведените лица.
Внатрешната контрола на Агенцијата по добиените сознанија излезе на лице место и го замрзна издавањето на имотниот лист за предметните недвижности, а против вработените ќе се поведат соодветни постапки согласно закон.
Инаку, двајца вработени во катастарот во Неготино заработија кривична пријава бидејќи побарале мито од 900, а примиле 400 евра.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, поднесена е кривична пријава против 32-годишниот З.Ј., референт за прием на пријави и 44-годишниот Д.Ѓ, вработен како помлад соработник за геодетски работи поврзани со изготвување на податоци и запишување на промени во катастарот на недвижности во одделение за катастар на недвижности-Неготино.
Пријавените, ја злоупотребиле својата службена должност и на сограѓанин му побареле мито од 900 евра за да запишат објект без елаборат.
Откако оштетениот завчера им дал 400, од побараните 900 евра тие извршиле упис на неговите објекти, куќа и дуќан без соодветно барање за упис на недвижност-објект и без геодетски елаборат за истото што е спротивно на Закон за катастар на недвижности.