Катица Јанева ќе бара одложување на затворската казна

Поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева ќе бара одложување на издржувањето на седумгодишната затворска казна, најавуваат од нејзиниот адвокатски тим откако вчера Апелацискиот суд ја потврди првостепената судска пресуда за случајот „Рекет“. Со таквата одлука на Апелацја, која освен за Јанева, ја потврди затворската казна и за Бојан Јовановски – Боки 13, со што пресудата стана правосилна.

Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, за „Фокус“ вели дека ќе поднесат вонреден правен лек до Врховниот суд, но и дека кога ќе го добијат упатниот акт, ќе побараат одложување на издржувањето на затворска казна. Сепак, Фрчкоска се уште не може да каже врз основа на што ќе бараат одложување бидејќи пресуда се уште ја немаат официјално добиено и веста за одлуката ја слушнале од медиумите.

Според процедурата, Апелација треба да ја достави пресудата до Кривичниот суд, а судија за извршување на санкции да им испрати упатен акт на осудените за тоа кога да почнат да ја издржуваат затворската казна. Тие имаат право на поднесување на вонреден правен лек до Врховен, кој нема да го одложи издржвањето на затворската казна, а по добивањето на упатниот акт имаат право да побараат одложување на издржувањето на затворската казна.

Двајцата осудени се во домашен притвор, а од Кривичниот суд најавуваат соопштение за тоа каква е процедурата за издржувањето на казната затвор конкретно за овој случај.

За случајот „Рекет“ Јовановски е осуден на 9 години, а Катица Јанева на 7 години затвор. Боки 13 е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор. Главен сведок во случајот „Рекет“ беше Камчев кој сега исто така е во притвор и му се суди за „Плацевите на Водно“, случај кој е дел од големата истрага „Империја“.

Апелацискиот суд ја носи пресудата по повеќе од една година од изречената првостепена пресуда која беше соопштена на 18 јуни минатата година, а обвинението за случајот беше поднесено на 10 октомври 2019 година.