Според весникот, во Македонија има „внатрешна етничка криза меѓу Македонците и Албанците, која се заканува да предизвика постизборна неизвесност во земјата“.
Трите албански партии (ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците) кои влегоа во новиот парламент, под водство на владите на Албанија и Косово формираа и промовираат заедничка агенда, чија имплементација ја поставија како услов за да учествуваат во новата Влада, пишува „Катимерини“.
Весникот потоа додава дека „со оглед на тоа што ниту една од двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ на поранешниот премиер Никола Груевски и СДСМ на Зоран Заев немаат парламентарно мнозинство, ќе им треба (под) поддршка од албански пратеници кои сега стануваат фактор што го регулира развојот на настаните“.
„Катимерини“ објаснува дека ако ДУИ, која има 10 пратеници или другите две албански партии, не се обединат со Груевски или Заев, и не конституираат владиното мнозинство, во земјата повторно ќе се одржат избори, најверојатно во април.
Планот што го претставија Албанците, е предизвик за славомакедонските националпатриоти, кои се чувствуваат дека тој ги оспорува темелите на ‘македонскиот карактер’ на државата затоа што вклучува воведување на албанскиот јазик како втор официјален јазик во земјата, почеток на дебата за промена на знамето итн. Дали Груевски ќе направи спектакуларно салто, задоволувајќи ги барањата од погоре, за повторно да воспостави влада со ДУИ на Али Ахмети? И како социјалдемократската опозиција ќе реагира во случај Зоран Заев да сака да соработува со Албанците правејќи попуст во националното ‘свето и благословено’? “, коментира весникот.
„Катимерини“ на крајот додава дека „до овие избори, Албанците, кои сочинуваат околу 25 отсто од населението во Република Македонија, функционирале индивидуално со нивните партии да преговараат или подобро да се ценкаат со најголемите македонски партии за учество во владите“.
Овој пат, сепак, на општо изненадување, тие претставија заедничка етничка агенда, која беше договорена на состаноците што ги имаа во Тирана и Приштина, каде ги повикаа Еди Рама и Хашим Тачи. И на тој начин, работите дополнително се компликуваат, заклучува весникот.