Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, вели дека за азилот што експремиерот Никола Груевски го доби во нејзината држава одлучува правосудството.
Во краткиот одговор на новинарско прашање што го доби за време на прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, таа вели дека се радува што односите меѓу двете држави се развиваат и тоа не е поврзано и не влијае на криминални прашања.
„Првиот дел во однос на Груевски, би сакала да кажам дека тоа е во надлежност на нашето правосудство. Јас многу се радувам дека во рамки на оваа моја посета се уверив во тоа дека нашата меѓусебна соработка на ниво на држави се развива успешно и имаме добри основи тоа и понатаму да се гради и развива и дека односите меѓу унгарските и македонските граѓани е на високо ниво и тоа не влијае на никакви криминални прашања“, одговори Новак на прашањето дали лице што е на црна листа на САД и се водат многу постапки против него за корупција и криминал може да добие азил од Унгарија и како.
Груевски избега во Унгарија во 2018 година кога требаше да се јави на издржување затворска казна од две години во случајот „Тенк“ на СЈО.
Министерството за правда во септември лани информира дека се подготвува ново барање за екстрадиција за експремиерот до унгарските власти. Претходно, едно барање беше поднесено во ноември 2018, а имаше и дополнување на барањето во јуни 2019 година.
Покрај затворската казна во „Тенк“, Груевски има правосилна пресуда од една година и шест месеци затвор во случајот „Насилство во Центар“. Неправосилни, односно пресуди за кои треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје, експремиерот има и во „Плацови на Водно“ – седум години затвор, ТНТ – девет години затвор, и „Талир 2“ – шест години. Против него се водат уште неколку други судски процеси, меѓу кои и за изборни нерегуларности во „Титаник“ и за изградбата на автопатиштата во „Траекторија“, а осомничен е и во случајот за организацијата на настаните од Собранието на 27 април 2017 година.