Кавадарци ќе добие спомен куќа за убиените дванаесет младинци од Ваташа

Изградба на спомен куќа во чест на убиените 12 младинци од Ваташа и фонтана и постојка во кружен тек Сашко Гешовски со партерно уредување. Ова се само дел од проектите што денеска ги најави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Во просториите на локалната самоуправа, денеска за прв пат јавно беше презентиран планот за јавни набавки на Општината, пред претставници на компании. Со единствена цел, како што нагласи градоначалникот Митко Јанчев, транспарентност, отчетност и поголемо запознавање на компаниите, заради подобар квалитет и конкурентност при јавните набавки.
Презентирајќи го годишниот план за јавни набавки на Општината, Јанчев информираше дека годинава се предвидени 92 постапки за јавни набавки.

– Проценетата вредност на постапките за доделување на договор за јавни набавки изнесува 227.808.645 денари со ддв, соопшти градоначалникот.
Јанчев рече дека општината Кавадарци се труди да ја подобри транспарентноста со нови начини на работа.