
Американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на седумте индустриски најразвиени земји во француски Бијариц влегол во остра расправа со своите колеги од другите земји на Г7 со инсистирањето групата да се врати во форматот Г8 со учество на Русија, која беше исклучена во 2014 поради украинската криза, објави ноќта кон понеделникот британскиот весник The Guardian.
Како што посочиле дипломатските извори на весникот, инцидентот се случил во саботата на вечерата на челниците на „Големата седумка“. Според The Guardian, Трамп во текот на заедничката вечера инсистирал на тоа дека Русија треба да се врати во групата Г7, отфрлајќи ги сите аргументи на колегите, од кои повеќето отворено се спротиставиле на оваа иницијатива.
Според британскиот весник, американскиот челник имал поддршка само од италијанскиот премиер на заминување Џузепе Конте, додека јапонскиот премиер Шинзо Абе решил да остане неутрален по ова прашање. Другите лидери од Г7 истапиле со спротиставување на идејата за враќање во форматот Г8.
Според неименуван европски дипломатски извор, потоа „ситуацијата, благо кажано, почна да се вжештува“. Како што цитирал изворот, повеќето челници на земјите членки во Г7 инсистирале на тоа дека групата претставува „семејство, клуб, заедница на либералните демократии“, поради што тие не можат да дозволат Русија да се присоедини на форматот, бидејќи според нивните тврдења Москва не ги поддржува таквите вредности. Трамп ги отфрлил ваквите аргументи, велејќи дека за да се дискутира за прашањата поврзани со Иран, Сирија и Северна Кореја, неопходно е присуството на Русија, пишува натаму The Guardian.
Претходно во неделата извори од ЕУ за медиумите изјавија дека лидерите на земјите од Г7 разговарале детално за односите со Русија, но не постигнале договор за враќање во форматот Г8. Според нив, во моментов челниците на Г7 објективно се заинтересирани за враќањето на Русија во организацијата, имајќи ја предвид растечката политичка конкуренција со групата Г20, каде што Русија има значителна улога и поддршка до другите членки. Во текот на самитот во Бијариц, претходно Трамп се согласи со предлогот на францускиот колега Макрон, Русија да биде поканета на самитот на Г7 во 2020 година кој ќе се одржи во САД.
По ова прашање официјална Москва повеќепати одговараше дека не ја исклучува можноста од обновувањето на форматот Г8, но и оти тоа не „цел самото посебе“, како и дека засега не се размислува за таквата опција.