Последниот рок кога Собранието треба да ги распише локалните избори е денеска, а доколку локалните изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности.
Бидејќи се’ уште не е избран претседател на Собранието, за да се испочитува рокот за локалните избори, денеска би требало да продолжи конститутивната седница, да се избере претседател и тој да ги распише локалните избори за градоначалници и советници кои треба да се одржат во првата половина на мај.
Според Изборниот законик од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Законско право да распише локални избори има само претседател на Собранието, кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.
На 30 декември, 2016 година, се одржа конститутивната седница на новиот собраниски состав, која е и единствена досега. На таа седница само се верификуваа мандатите на пратениците, но не се избра и претседател на Собранието.
„Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, се вели во член 16, став 1 од Изборниот законик.
Ставот, пак, на политичките партии во земјава е различен во врска со ова.
СДСМ во овој период е фокусиран на продолжување на конститутивната собраниска седница, на избор на претседател на Собранието и формирање нова влада.
ДУИ е со став дека тие не се заинтересирани за одложување на локалните избори и дека законскиот рок за распишување локални избори треба да се почитува.
ВМРО-ДПМНЕ цвртсо стои на својата определба дека во Македонија мора да има нови, брзи, предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.
Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат.
„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, пишува во амандманот 16 од Уставот.
Измените може да важат само за овие избори. Пред локалните избори во 2013 година беа направени измени во Изборниот законик за продолжување на роковите за регистрација на кандидати. Ова беше сторено поради бојкотот на работата на Собранието од пратениците на СДСМ.
Доколку локалните изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности, а пречекорувањето на предвидениот рок повлекува измени во Изборниот законик и нов датум за локални избори.