Чеириесет ичетиригодишната Олукеми Олуфунто Адегоке „Кеми“ Баденок победи во трката за нов челник на британската Конзервативна партија во саботата, ветувајќи дека ќе ја врати некогаш доминантната партија на нејзините основни принципи, што би требало да ѝ овозможи повторно да ги придобие гласачите по изборниот дебакл во јули.
Баденок на сегашната позиција ќе го замени поранешниот премиер Риши Сунак. Таа вети дека ќе ја води партијата, која се сврте кон политичкиот центар „владеејќи одлево“, низ период на реконструкција и дека мора да се врати на своите традиционални идеи.
Како првата црна жена лидер на голема британска политичка партија, Баденок има намера да направи пресврт кон десно пресврт во нејзината нова улога.
„Дојде време да се каже вистината“, рече таа пред масата сопартијци по последното пребројување на гласовите, ветувајќи дека ќе одговори на клучните прашања за тоа зошто конзервативците минаа толку лошо и загубија на изборите во јули. „Време е да се зафатиме со работа, време е да се обновиме“, додаде Баденок.
По повеќе кругови гласање отворени само за партиските парламентарни пратеници, Ториевците имаа рок до четврток да го дадат својот глас за еден од кандидатите. Противкандидат на Баденок беше 42-годишниот Роберт Џенрик, поранешниот министер за имиграција.
Баденок е петтиот конзервативен лидер од средината на 2016 година, откако 53.806 членови на партијата гласаа за неа пред Џенрик, во последната фаза од долгиот натпревар во кој се исфилрираа двајца кандидати. Џенрик освои 41.388 гласови.
Со отворени ставови за сè, од она што таа го нарекува идентитетска политика до квалитетите што мора да ги поседуваат јавните службеници, Баденок има многу поддржувачи, меѓутоа и оние кои не ѝ се наклонети.
Аналитичарите сметаат дека новиот партиски челник несомнено ќе ги раздвижи конзервативците. Британскиот парламент се состои од 650 пратеници, а бројот на конзервативни пратеници падна на само 121 во јули во споредба со 365-те коишто седеа таму во 2019 година.
Со оглед на лошиот почеток на лабуристичката влада по парламенарните избори, некои конзервативци оптимистички веруваат дека би можеле да ја вратат власта на следните избори, но тие се одржуваат дури во 2029 година.
Дел од центристички ориентираните конзервативци стравуваат дека Баденок би можел да ги одврати не само членовите на поумереното крило на партијата, туку и некои гласачи кои центристичките либералдемократи успеаја да ги придобијат на последните избори.
Мандатот на Баденок како министер за трговија често беше обележан со контроверзии и препирки со медиумите, познатите личности и нејзините колеги и претпоставени. Но, таквиот нејзин пристап освои и многу поддржувачи, меѓу кои и членовите на конзервативците кои ѝ дадоа предност пред Џенрик.