Она што е битно за оваа криза сега, е што побрзо да се направи договор, да се организираат избори, за да имаме една признаена легитимност на власта.
Ова во отвореното студио на Телевизија Нова го изјави д-р Срѓан Керим, кандидат за генерален секретар на ОН. Тој вели дека е многу важно граѓаните тоа да го одлучат, како што и досега одлучувале.
Мислам дека со тие избори повеќе прашања и дилеми ќе се решат. Прво ќе видиме кој навистина има доверба од народот да владее со државата, а кој не. Второ, ќе ја извадиме економијата од оваа нестабилност во која влезе, попрецизно нарушување на стабилноста, поради оваа политичка криза, изјави Керим.
Кериим исто така потенцира дека не сме сами и оти нѐ набљудува целиот свет.
За надворешниот имиџ на Македонија, за нејзината севкупна стабилност е многу важно институциите да функционираат и нивната легитимност да биде признаена и прифатена. Не можеме постојано да одиме во циклуси, легитимни се, нелегитимни се. Ако ние сами ги рушиме тие институции, се поставува прашањето: како ќе ги изградиме рушејќи ги постојано, вели Керим.
Некој можеби ќе полемизира дека треба да ги срушиме до крај, па да правиме нови. Тогаш јас ќе реплицирам: Извинете, каква е таа демократија? Ако ние треба да ги рушиме институциите до крај, до темел, за да правиме нови, тоа не е демократија. Тоа е во тоталитаристички режими и слични ситуации неопходно. Меѓутоа во нашиов случај, тоа апсолутно не е неопходно, додаде Керим.