Киднапиран авион – наместо кон Москва, лета за Авганистан

Патник, во авион кој летал од Сургут до Москва, побарал авионот да биде пренасочен кон Авганистан. Ова го потврдил за Интерфакс извор во службите за контрола на летање.

Властите на аеродромот во Сургут истакнале дека летот е на компанијата Аерофлот. „Ние немаме информации, освен дека авионот безбедно полета”, изјавил соговорник за агенцијата.

Од прес-службата на „Аерофлот” им порачуваат на медиумите да го контактираат Националниот комитет за анти-тероризам, од каде пак ниту ја потврдуваат, ниту ја одрекуваат информацијата.

Авионот со број на лет А1515 полетал од аеродромот во Сургут согласно распоредот – во 15.00 часот по локално време, се наведува на веб-страницата на аеродромот во Сургут. На страницата, авионот е обележан со црвено на радарскиот преглед, што значи дека авионот го сменил курсот на летање.

Според извори на Тасс во службите за итни случаи, летот е пренасочен поради насилен инцидент.

Патникот, кој најверојатно побарал промена на правецот на летање кон Авганистан, е психички нестабилен, изјавил за Интерфакс анонимен извор. Според него, човекот претходно бил апсен за неколку сторени прекршоци. Според руските медиуми станува збор за 41-годишен маж.