![w_57123555](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/08/w_57123555.jpg?resize=696%2C474&ssl=1)
Украинскиот авион кој пристигна во Авганистан за да направи евакуација на Украинците, беше киднапиран од неидентификувани лица кои авионот го пренасочија кон Иран, соопшти денеска заменик министерот за надворешни работи на Украина, Евгениј Јенин.
– Минатата недела нашиот авион беше киднапиран од други луѓе. Во вторникот, нашиот авион беше практично украден за да лета за Иран со неидентификувана група патници на летот, наместо да пренесува Украинци. Нашите следни три обиди за евакуација беа исто така неуспешни бидејќи нашите луѓе не можеа да влезат на аеродромот – изјавил Јенин, а пренесува руската агенција ТАСС.
Според неговите зборови, киднаперите биле вооружани.
Меѓутоа, заменик министерот не изјавил ништо за тоа што се случило со авионот и дали Киев ќе се обиде да го врати авионот и како ќе се вратат украинските граѓани од Кабул, дали тоа би било во овој практично украден авион или пак во некој друг што би бил испратен од Киев.
Во неделата транспортен авион со 83 лица, меѓу кои Украинци, пристигна од Авганистан во Киев, а кабинетот на претседателот објави дека 12 украински војници се вратиле дома, а исто така се евакуирани и странски новинари и јавни личности кои побарале помош.
Кабинетот соопшти дека има уште околу 100 Украинци кои чекаат евакуација од Авганистан.