Целиот регион на украинската престолнина Киев остана без струја по новите руски воздушни удари врз критичната инфраструктура, изјави Олексиј Кулеба, челник на регионалната воена управа.
Регионите на Л’вов, на западот, и на Одеса на југот на брегот на Црното Море, исто така, во средата биле целосно исклучени по руските удари врз украинските енергетски објекти, а делумно без струја се и Киев, Харков, Хмелницки, Миколаев и Запорожје, пренесуваат локалните власти и медиумите.
Исклучувањата поради оштетувањата се пријавени во речиси сите региони на Украина. Во Киев, како што објави градоначалникот Виталиј Кличко, „погоден е станбениот сектор и критичната инфраструктура“. Дел од главниот град е исклучен од снабдувањето со струја, а во прекин е и водоснабдувањето.
Електричниот јавен сообраќај е во прекин во Харков, а луѓето се евакуираат од метрото. Украинските железници најавија прекини во поаѓањето на возовите, компанијата започна со користење на резервните дизел локомотиви за да одржува одредено ниво на железничкиот транспорт.
Во нуклеарната централа Пивденоукраинс на југот на Украина, во средата се исклучени неколку единици, поради прекинот во снабдувањето со електрична енергија во текот на руските воздушни напади ширум земјата, објави украинската компанија за нуклеарна енергија „Енергоатом“.
„Со нуклеарната централа сѐ е во ред. Немаме каде да ја произведуваме електричната енергија“, изјавил портпаролот на „Енергоатом“, зборувајќи за нуклеарката која се наоѓа во Микоалевската област.
Локален функционери изјави дека енергетските единици се надвор од работа и во нуклеарната централа Хмелњицки, на западот на Украина.
„Ги запираме единиците. Нема струја, вода, греење“, објави на Facebook Олександр Супруњук, градоначалник на градот Нетишино во близина на централата.
Руските воздушни удари врз украинската енергетска инфраструктура предизвикале прекин во снабдувањето со струја во половина од Молдавија, објави на Twitter во средата заменикот на молдавската премиерка Андреј Спуни, кој е и вршител на должноста министер за инфраструктура. Според него, операторот „Молделектика“ работи на повторно приклучување на над 50 отсто од земјата на струја.
Струја нема ниту во мнозинско руската област Приднестровје, објави тамошното министерство за внатрешни работи.