Киев известува за напредување, Москва за одбивање на офанзивата со многу жртви

(Russian Defense Ministry Press Service)

Украинските сили продолжуваат со пробивот кон северот во областа на Харков а бележат и напредување и во другите делови на земјата, изјави во неделата началникот на украинскиот генералштаб Валериј Заслужни, додека руското Министерство за одбрана во редовниот дневен брифинг објави дека украинската противофанзива во правците на Николаев и Харков е одбиена со големи загуби од неколку илјади украински војници, во тврдењата на двете страни кои не можат да се проверат од независни извори.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски објави дека руските сили се повлекле од градот Изјум од Харковската област и рече дека станува збор за „пресвртница“ во шестмесечната војна. Зеленски смета дека зимава би можела да донесе поголемо напредување на украинската војска доколку ѝ пристигне дополнително оружје.

„Во регионот на Харков почнавме да напредуваме не само кон југ и исток, туку и кон север. Има уште 50 километри до границата со Русија“, тврди во објавата на каналот Telegram, главниот командант на украинската војска Валериј Заслужни и додава дека украинската војска од почетокот на септември под контрола повратила над 3.000 квадратни километри.

„Верувам дека оваа зима е пресвртна точка и таа може да води до брза деокупација на Украина. Гледаме како окупаторите бегаат во разни правци. Доколку сме малку повооружени, би ги ослободувале уште побрзо“, тврдеше Зеленски во изјавата од доцна вечерта во саботата.

Западните аналитичари, кои се повикуваат на вестите од Киев дека руските сили го загубиле градот Изјум, сметат дека тоа претставува најголема победа на украинските сили. Агенцијата Reuters без да ги наведи изворите, пренесува дека руската војска наводно оставила зад себе големи количества муниција и оружје. Според агенцијата, украинската сила влегла и во северниот град Кујпанск, важен железнички јазол што би го отежнало значително снабдувањето на руската војска. Од проруските сепаратистички сили велат, пак, дека на тој правец се водат жестоки борби, но дека украинската војска не остварила напредување на теренот.

Украинските функционери сѐ уште официјално не го потврдија заземањето на Изјум, но Андриј Ермак, шеф на кабинетот на Зеленски, објави фотографија на војска како наводно влегува во овој град, со емоџи грозје, што асоцира на името на градот.

Воениот аналитичар во Киев, Олег Жданов, за Reuters изјави дека „овие победи би можеле да отворат пат за натамошно напредување“ во регионот Луганск кој е целиот под контрола на руските и проруските сепаратистички сили.

„Ако ја погледнете мапата, логично е дека офанзивата ќе се развие во насока на Светов-Старобелкс и Северодонецк-Лисичанск. Тоа се две ветувачки насоки“, додава Жданов.

 

Над четири илјади загинати војници за неколку дена

Истовремено во неделата руското Министерство за одбрана објави дека руската воена авијација извела напад врз единица на украинската морнаричка пешадија во регионот на Николаев во кој загинале повеќе до сто украински војници и тврди дека загубите на украинските трупи во битките во овој регион изнесуваат повеќе од четири илјади војници.

„Во правецот Николаево-Кривик Рог, со високопрецизни ракетни удари на руските воздухопловни сили уништена е позиција на 36-та бригада на поморската пешадија на украинската војска (…) Вкупно во овие два правци само од 6-ти до 10-ти септември загубите на Киевскиот режим изнесуваат повеќе од четири илјади убиени и РИА руското министерство за одбрана.

Покрај тоа, во брифингот се тврди и дека во руските напади врз позициите на 92-та механизирана бригада на украинската армија и 113-та бригада на украинската територијална одбрана, загинале повеќе од 200 украински војници, а повеќе од 20 единици оружје биле уништени.

Се тврди и дека со „концентрирани огнени удари“ биле разбиени единиците на украинските воени сили во областите на местата Купјанск, Пристин, Болдиревка, Синиха, Белое, Комаровка, Гороховтска, Сенково и Подвисокоје во регионот на Харков.