Киев подготвува офанзива којашто ќе биде фокусирана на регионите Луганск и Запорожје, коишто се во најголема мера под контрола на руските сили и каде ланскиот септември прорускиото и руско население одржа референдуми за придружување на Русија што Украина и меѓународната заедница не ги признаваат, чија цел ќе биде прекинување на копнената поврзаност на руските единици на црноморскиот полуостров Крим, објави германскиот весник Bild.
Според изворот на оваа информација на Bild – неименуван висок офицер на НАТО, „Русија со право претпоставува дека главната украинска офанзива ќе се одвива во регионите Луганск и Запорожје. Претставникот на Алијансата тврди дека украинската војска ќе се обиде „да го уништи копнениот мост кон Крим“.
Соговорникот на Bild е убеден дека Киев во мај ќе го користи вооружувањето што изминатите месеци го добил од своите западни сојузници. Како што се појаснува, но без спецификација, досега земјите од НАТО испорачале во Украина околу 500 тенкови и оклопни транспортери. Американскиот весник Politico, исто така, објави дека според неговите сознанија, долго најавуваната украинска офанзива ќе започне во мај.
Претходно офицерот на украинската армија Валериј Прозапас изјави дека поради недостиг од жива сила и средства, украинската армија во моментов не може да изведе сериозни офанзивни операции во југоисточната област Донбас. Тој ја опиша моменталната ситуација на боиштето како „оперативен ќорсокак“.
Од друга стана, пак, вицепремиерката за европски и евроатлантски интеграции на Украина, Олга Стефанишина, апелираше дека Киев очекува оружје од Западот за да не оди „со празни раце кон руските позиции“. Челникот на украинското Министерство за одбрана, Олексиј Резнков, претходно во февруари говореше дека украинската војска е во фаза на подготовка за контраофанзива.
Шефот на проруската воено-цивилна власт во Запорожје, Владимир Рогов, оцени за руските медиуми дека офанзивата во овој правец „може да биде фатална“ за вооружените сили на Украина. Според него, Вашингтон ги принудува Киев да преземе офанзивна операција во јужен правец на фронтот.
Поранешниот руски претседател и премиер и актуелен заменик на шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, во повеќе наврати предупреди дека украинска офанзива врз црноморскиот полуостров Крим кој по превратот во Киев во 2014 година се приклучи на Русија, ќе претставува „несакана ескалација на конфликтот“ и дека властите во Киев „треба да разберат дека таквите обиди ќе наидат на неизбежна одмазда со употреба на секакво вид оружје“.
Украина ќе има само еден обид за противофанзива, сметаат во Чешка
Новиот чешки претседател Петр Павел, пензиониран генерал и поранешен висок функционер на НАТО, во понеделникот во интервју за полскиот дневен весник Rzeczpospolita предупреди дека украинските вооружени сили веројатно ќе имаат само еден обид да започнат противофанзива годинава.
„Сметам дека Украина годинава ќе има само еден обид да изведе голема контраофанзива. Затоа, доколку Украина одлучи да изведе противнапад и не успее, тогаш веројатни ќе биде неверојатно тешко да се најдат средства за следната“ офанзива, оцени Павел.
Оценува притоа, дека смета оти украинската противофанзива треба да биде изведена во рок од неколку месеци и дека „прозорецот за можност“ за тоа ќе биде отворен само годинава. Натаму, чешкиот претседател оценува дека на Киев нема да му биде лесно да добие нова западна помош во оружје поради „ицрпеноста од војната“. Тоа, коментира Павел, значи не само недостиг од ресурси и уништената инфраструктура, туку и од „заморот“ кај западните сојузници на Украина.
САД, претпоставува чешкиот челник, може да го загубат интересот за продолжување на големото помагање на Украина следната година, а падот на американската поддршка бездруго според него ќе биде проследен и со пад на поддршката за помошта и европските земји.
Киев ги загуби најдобрите пилоти додека ги чека авионите „F-16“
Во контекстот на најавената во Киев голема пролетна офанзива со којашто треба да бидат отфрлени руските сили вон границите од пред 2014 година, американскиот дневен весник The New York Times во понеделникот повикувајќи се на неименувани украински функционери објави дека командата на украинската армија многу брзо ќе мора да се одлучи меѓу испраќањето единици за одбрана на Бахмут или спроведување на големата противофанзива.
Уште кон крајот на минатата година функционери во Вашингтон го повикаа украинскиот претседател Володомир Зеленски поради големите загуби во неколкумесечните борби во утврдениот град Бахмут на границата од одметнатиот проруски регион Доњецк да ги повлече елитните единици и да ги штеди за офанзивата најавена за оваа пролет. Иако сега западните воени аналитичари велат дека Бахмут нема речиси никакво стратешко значење, Зеленски и врвот на украинската војска на почетокот на март сепак постигнаа договор да се продолжи битката за Бахмут.
Од друга страна, во разговорот објавен во понеделникот за британскиот весник Times, командантот на украинските воздухопловни сили генералот Серхиј Голубцов предупреди дека Киев ги губи своите најдобри воени пилоти додека ги чека западните напредни борбени авиони, во прв ред американските „F-16“.
Според Голубцов, украинските пилоти може да го совладаат летањето на западните напредни борбени авиони за само неколку месеци. Ги отфрла тврдењата на официјалните претставници на НАТО дека обуката за таквите летала може да трае со години. Украинскиот командант притоа како пример наведе дека двајца негови подредени офицери неодамна се вратиле од САД по многу куса обука.
„Тие минаа три седмици таму и на симулатор на F-16 научија да летаат како тандем пилоти, како да го користат вооружувањето (на авионот). Резултатите се многу добри, украинските пилоти можат да научат да летаат и да ги користат оружените системи на F-16 за помалку од шест месеци“, тврди генералот Голубцов.
Командантот на украинските воздухопловни сили, притоа, се жали на застарената опрема и доцнењето на испораките од земји членки на НАТО со западно оружје, вклучително и напредните западни борбени авиони од четвртата или петтата генерација.
„Изгубив некои од моите најдобри луѓе поради недостигот од соодветна опрема“, вели Голубцов во изјавата која следеше од повторното отфрлање на таквата можност од страна на американскиот претседател Џо Бајден според кого таквите испораки „немаат смисла во сегашниот тек на конфликтот“.