Киев: Пукањето врз возилото на советникот на претседателот е обид за убиство

Kyiv, Ukraine September 22, 2021. REUTERS/Serhii Nuzhnenko

Рафален оган е отворен во средата врз возилото во коешто бил Сергеј Шефир, главниот советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, претставува обид за убиство, оцени висок државен функционер.

Повеќе од десет куршуми биле истрелани во автомобилот во близина на селото Лесники, околу пет километри од украинската престолнина Киев и притоа со најмалки три куршума е ранет возачот, соопшти полицијата. Додава дека е отворена криминалистичка истрага под сомневање за убиство со предумисла.

Советникот Сергеј Шефир, кој ја предводи групата советници на претседателот Зеленски, не е повреден во нападот, рекол неименуван пратеник, пренесуваат медиумите.

Локалните телевизии информираа дека на автомобилот се видливи најмалку 19 дупки настанати од истреланите куршуми, и тоа од страна на возачот на автомобилот.

Зеленски, кој победи на претседателските избори со ветувањата за борба против раширените корупција, организиран криминал и влијанието на олигарсите, во моментов е во Њујорк на заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Од неговиот кабинет соопштија во средата дека претседателот е известен за нападот „веднаш кога се случил“.

Михаило Подолјак, исто така советник на украинскиот преседател, изјави за медиумите дека овој обид за убиство би можел да биде последица од борбата на Зеленски против олигарсите.

„Овој отворен, намерен и крајно насилен напад со автоматско оружје не може да биде квалификуван поинаку отколку како обид за убиство на клучниот припадник на претседателските луѓе. Ние, секако, го поврзуваме овој напад со агресивната и сѐ помилитантната кампања против активната политика којашто ја спроведува шефот на државата“, изјави Подолјак.

Во изјава за агенцијата Reuters, Подолјак истакнува дека „претседателот нема да се откаже од политиката темелно да ја преобрази државата“. Притоа ветил и поостри мерки против олигарсите.

Украинскиот парламент Радата оваа седмица треба да дискутира за законот предложен од претседателот Зеленски чија цел е да се намали влијанието на олигарсите.