Кикс на Ливерпул во Премиер лигата, Тотенхем остана без победа во финишот

Водечкиот тим во англиското првенство Ливерпул во неделата на својот „Енфилд“ во рамките на 15-то коло одигра разочарувачки 1:1 со претпоследниот тим на табелата Вест Бромвич Албион, со што актуелниот првак ја испушти можноста позначително да се одлепи на врвот.

Ливерпул киксираше во првиот натпревар на свој терен по големата победа од 7:0 над Кристал Палас, и тоа против слабиот ВБА. Сепак, „Редс“ ја продолжија низата од 67 домашни првенствени натпревари без пораз, односно 1.343 денови, период во кој остварија 55 победи и 12 ремија. Апсолутниот рекорд го држи Челзи, кој оствари 86 последователни натпревари на својот „Стенфорд Бриџ“ во период од 2004 до 2008 година.

Од друга страна, ВБА денеска оствари своевиден подвиг бидејќи во кус период остана непоразен против две екипи од „големата шесторка“ – Манчестер Сити и Ливерпул, а новниот менаџер Сем Алардајс и по четири натпревари нема пораз против Јирген Клоп.

Ливерпул прикажа многу слаба игра, иако поведе уште во 12 минута преку сенегалскиот интернационалец Садио Мане. Меѓутоа, неговите играчи во продолжение не покажаа желба да постигнат и втор погодок за да ги разрешат сите дилеми, што им се одмазди во 82 минута кога по изведениот корнер Нигериецот Сами Аџаји ја погоди нивната мрежа. Во последните секунди од дуелот гостинскиот голман Џонстон одбрани тежок удар со глава на Фирмињо.

Ливерпул петти пат сезонава во првенството одигра нерешено, но се задржа на врвот со 32 бода, три повеќе од градскиот ривал Евертој, додека Вест Бромвич Албион и натаму е претпоследен 19-ти со осум бодови.

 

Со резултатот 1:1 заврши и последниот меч од колото, со кој бодовите ги поделика Вулверхемптон и Тотенхем.

Тимот на Жозе Мурињо поведе по само 57 секунди игра, кога погоди францускиот напаѓач Тангуи Ндомбеле, но домашните израмнија со голот кој во 86 минута го постигна Ромен Сајс по изведениот удар од аголот.

Тотенхем така ја пропушти можноста со победа да се искачи на третото место на табелата, па остана петти со 26 бодови, бод помалку од Манчестер Јунајтед кој има и меч помалку, два зад третиот Лестер, кои имаат послаба гол-разлика од „Спарс“. Вулверхемптон остана на 11-то место со 21 бод.

 

Вест Хем Јунајтед и Брајтон во Лондон одиграа 2:2, откако Вест Хем двапати го стасувше водството на гостите. Брајтон беше во водство со головите на Нил Маупај во 44 и на Луис Данг во 70 минута, а домашните израмнуваа преку Бен Џонсон во 60 и Томаш Соучек во 82 минута.

Вест Хем е 10-ти на табелата со 22 бодови, а Брајтон е 16-ти со 13 бодови, два бода повеќе од зоната на испаѓање.

 

Во првиот меч од неделната програма Лидс Јунајтед, за кој како стартер повторно целиот натпревар го одигра македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, со минимални 1:0 на својот „Иланд Роуд“ го совлада Барнли. Стрелец на победничкиот погодок беше Патрик Бамфорд од пенал уште во 5 минута.

Лидс со новите три бода собра вкупно 20 со кои е на 12-то место на табелата, а Барнли е 17-ти со 13 бодови.