Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го затвори целиот северен град Хесан откако исчезнаа 653 куршуми за време на неодамнешното воено повлекување.
„Полицајците наизменично ги претресуваат домовите во градот со околу 200.000 жители“, изјавија два извори за Радио Слободна Азија, пишува Euroweeklynews.
„Градот ќе остане затворен додека не се најдат сите 653 куршуми“, изјавил за корејската служба на РФА анонимен жител на северната провинција Рајанганг, каде се наоѓа градот Хесан, пренесува N1.
Муницијата за автоматската пушка исчезнала додека војниците на седмиот корпус на Корејската народна армија се повлекле од областа околу градот, кој се наоѓа на границата со Кина.
Кога се случил инцидентот, војниците прво не пријавиле, туку самите се обиделе да ги пронајдат исчезнатите куршуми. Но, кога не успеале да ги најдат, ги известиле жителите и почнале ригорозна потрага“, вели анонимниот извор.
Полицијата и армијата започнаа истрага, го заклучија градот и претресуваат куќа по куќа. Тамошниот закон предвидува казна повеќе од три години за лицата кои неовластено поседуваат или пренесуваат муниција или оружје. Жителите се загрижени дека ако не се најде муниција, властите по случаен избор ќе казнат некој кој би можел да биде целосно невин, рекол изворот.