Кина ги предизвика САД да го намалат нуклерниот арсенал на нејзиното ниво

Кина би земала учество во трилатералните преговори за контрола врз стратешкото вооружување кои ги заговараат САД во нивнит преговори со Русија, но само доколку Вашингтон има волја да го намали својот нуклеарен арсенал на кинеското ниво, изјави во средата функционер на кинеското министерство за надворешни работи.

Станува збор за очекуван одговор од Пекинг на настојувањата на Вашингтон, кој постепено се повлекува од или не ги обновува стратешките договори во вооружувањето со Русија, во новите спогодби во оваа област да биде вклучена и Кина. САД, имено неодмана повторно ја повикаа Кина да им се придружи на трилатералните преговори за продолжувањето на Новиот СТАРТ договор меѓу Вашингтон и Москва кој истекува на почетокот од 2021 година.

Новиот СТАРТ е договор кој Москва и Вашингтон го потпишаа во 2010 година. Според него, двете земји се договорија оперативните носечки системи за нуклеарно оружје како ракети, бомби и подморници да ги намалат на по 700, а исто така предвидува и лимитирање на по околу 1.550 боеви глави, додека вкупно ракетните лансери не смеат да бидат повеќе од 800. Договорот ќе биде на сила до 5-ти февруари 2021 година, освен ако не се замени со друг договор за контрола на нуклеарното вооружување. Исто така, може да биде и продолжен во постојниот облик, но не подолго од пет години, со согласност од двете страни.

Фу Цонг, шеф на одделот за контрола на вооружувањето, повтори во средата дека Пекинг нема намера да им се придружи на преговорите на двата непријатела од времето на Студената војна кои последната деценија се повторно во крајно нарушени и тензични односи, имајќи предвид дека американскиот нуклеарен арсенал е 20 пати поголем од кинескиот.

„Ве уверувам, доколку САД кажат дека се подготвени да се спуштат на кинеското ниво, Кина веднаш следниот ден со задоволство ќе учествува во преговорите. Но, знаеме дека тоа нема да се случи“, рече Цонг.

Според него, повиците од САД за Кина не служат за ништо друго, туку да се одвлече вниманието и претставуваат изговор на Вашингтон да се откаже од продолжувањето на договорот Нов СТАРТ.

Цонг истакна дека Кина „не го избегнува меѓународниот процес на нуклеарно разоружување“, туку е подготвена во рамките на Советот за безбедност при Обединетите нации да разговара со петте постојани членки за намалување на нуклеарните закани во светот.